Русија не исклучува провокации од страна на Украина

Русија не исклучува провокации од украинска страна во пограничната источна украинска област Донбас со доминантно руско и руско јазично население каде што се самопрогласените републики Луганск и Донецк кои се одметнаа по смената на власта во Киев во 2014 година, предупреди пред новинарите во понеделникот Василиј Небензја, руски постојан претставник во Обединетите нации каде се одржува седницата на Советот за безбедност по иницијатива на САД поради наводната подготовка на Москва да ја нападне Украина.

„Не можеме да исклучиме провокации од украинската страна. (Од Донецк и Луганск) изјавија дека такви провокации може да произлезат“, рекол Нембезја кого го цитираат руските новински агенции.

Потсетил дека во 2014 година, во услови на склучениот договор за мирно рашавање на воениот конфликт во Донбас познат како Минск 1 а чии гаранти се Франција, Германија, Украина и Русија, силите под контрола на владата во Киев започнаа офанзива.

„Ние сакаме да го избегнеме тоа (…) Обидот конфлитот да биде решен со воени средства е сосема неприфатлив“, истакнал рускиот дипломат.

Небензја посочил дека Русија е загрижена дека Западот во случај на провокација од Украина во Донбас, за тоа ќе ја обвинат Москва.

„Загрижен сум дека тоа може да биде сценариото. Дури и зборувањето за претстојна војна е веќе провокација самата посебе“, ја повторил Небензја репликата кажана на седницата на Советот за безбедност при ОН по излагањето на американската амбасадорка Линда Томас-Гринфилд.

Во врска со тврдењето на амбасадорката на САД дека Вашингтон наводно поседува информации дека Москва на почетокот од февруари планира да доведе уште 30.000 војници во Белорусија, која исто така граничи со Украина, Небензја рекол дека станува збор за редовни воени маневри.

„Ние изведуваме редовни маневри со Белорусија на нашата територија. Ни велат дека мораме да ги повлечеме (трупите) таму каде што претходно биле. Но руската војска не се наоѓа руско-украинската граница“, рекол Небензја.

Русија притоа воопшто не размислува за можноста од инвазија во Украина, нагласил дипломатот одговарајќи на прашање и истакнал дека „можам да ја исклучам“ инвазијата.

Потсетил и дека највисоките украински функционери, вклучително и претседателот Владимир Зеленски изјавуваа деновите дека се зголемува реториката за она што навистина се случува.

„Никој од руските политичари никога не рекол дека имаме намера да ја нападнеме Украина. Сосема друга работа е што ги паметиме настаните од 2008 година кога поранешниот претседател на Грузија (Махаил) Саакашвили издаде криминална наредба да се нападне Цхинвал, кога загинаа цивили, наши мировници, тогаш бевме принудени да реагираме“, рекол Небензја.

Рускиот дипломат алудираше на одлуката на Саакашвили, кој подоцна стана украински политичар и именуван за регионот Одеса населен претежно со руско и рускојазично население но под контрола на Киев, кога се обиде воено да ги заземе кавкаските региони Јужна Осетија и Абхазија, со нерешен статус по распадот на СССР, и кога руската војска навлезе во Грузија.

Русија ги цени за фантазии „измислиците“ кои ги шири Западот за наводно планирана инвазија врз Украина, додал Небензја.

„Сѐ уште не можеме да сфатиме зошто го одржавне овој состанок денеска (…) Вооопшто не знам зошто се одржува оваа средба. Некои имаат фантазии дека Русија веќе извршила агресија врз Украина….’, рекол дипломатот.

Русија смета дека САД мора да ја повикаа Украина да ги почитува договорите од Минск, од 2014 и 2015 година познати како Минск 1 и Минск 2, а не да ги саботира, истакнал Небензја.

Истакнал, исто така, дека не постои непосредна поврзаност меѓу ситуацијата околу Украина и разговорите по безбедносните гаранции кои Русија ги бара од НАТО и САД, кои вклучуваат неширење на Алијансата кон источните руски граници, повлекување на странските трупи и стратешко вооружување од граничните земји со Русија, како и неприем на Украина и Грузија во членството на западниот воен блок. Вашингтон и Брисел ги отфрлија некои од овие барања, искажувајќи само подготвеност за преговори за контрилата на оружјето.