Русија негира дека добила барање од САД за телефонски разговор меѓу шефовите на дипломатиите

Москва официјално негираше дека добила барање од Вашингтон за телефонски разговор меѓу двајцата министри за надворешни работи, откако тоа претходно во средата го најави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

„Освен медиумските написи за потенцијален разговор, не знаме ништо и немаме добиено никакво официјално барање“, порачаа од руското министерство за надворешни работи.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен најави во средата дека планира наскоро да разговара со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, првпат по почетокот на војната во Украина кон крајот на февруари, и спомена дека САД ѝ „дале значајна понуда“ на Русија за ослободување на двајца Американци. Телефонскиот разговор, кој според него е „предвиден во текот ка следните денови“, нема да биде посветен на преговорите околу Украина, туку ма Американците кои се осуден за престапи во Русија, како и за „обновувањето на украинскиот извоз на житарки“, прецизираше Блинкен во текот на прес-конференцијата.

„Ние во Русија се водиме од вообичаената дипломатска практика“, додадоа од Москва, додека американските медиуми истакнуваат дека САД се подготвени да го разменат рускиот претприемач Виктор Бут уапсен на Тајланд во 2008 -ма и осуден во Њујорк во 2012-та на 25 години затвор за тргување со оружје наводно „планирање заговор за убиство на Американци и материјална поддршка на тероризам“.

Според медиумите, Бут би требало да биде разменет за кошаркарката Бритни Грајнер којашто ја очекува десетгодишна затворска казна откако кон средината на февруари годинава при пристигнување на аеродромот во Москва во нејзиниот рачен багаж е откриена дрога. Вториот разменет Американец би требало да биде поранешниот маринец Пол Вилан кој беше уапсен во 2018 година за шпионажа и осуден на 16 години затвор во ткн работна колонија, откако таа година допатувал во Москва поради свадба на пријател.