Русија нема да извезува нафта на светските пазари доколку ограничувањата на нејзината цена, за што се застапуваа неколку земји од групата Г7, биде пониска од трошоците за производство, предупреди во средата вечерта рускиот вицепремиер Александр Новак.
Американската министерка за финансии Џенет Јелен се залага за ограничување на цената на руската нафта за на Русија да ѝ биде отежнато да ги финансира воените операција во Украина, а за нејзиниот предлог се дискутира меѓу седумте водечки светски економии Г7, откако на мајскиот самит во Германија предлогот на САД го поддржаа Канада, Велика Британија и Јапонија.
Предложениот механизам предвидува забрана за осигурувањето и транспортот на руската нафта чијашто цена го надминува нивото кое ќе го одредат овие земји. Засега не е познато колкав би бил тој плафон, но европските членки на Г7 изразија сомневање во неговата ефикасност.
„Доколку тие цени за коишто зборуваат бидат пониски од трошоците за производството на нафтата, тогаш Русија, секако, нема да ја пласира таквата нафта на светските пазари. Тоа едноставни значи дека нема да работиме со загуба“, изјави вицепремиерот во средата во вечерната програма на руската државна телевизија.
Неименувани американски функционери за Reuters тврдат дека целта е да се одреди цената која ќе го покрива граничниот трошок на производството за да се поттикне Русија да продолжи со извозот.
Од пласирањето на таквата идеја, а имајќи предвид дека големите светски производители од Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) тврдат дека е невозможно целосно да се надоместат руските барели на светските пазари, повлекувањето на Русија би значело драстично зголемување на цените на нафтата.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави за новинарите во средата дека цените на нафтата ќе експлодираат, доколку цената на руската нафта биде ограничена, потсетува Reuters.
Бразил, Кина, Индија и некои африкански и блискоисточни земји го зголемија увозот на енергенси од Русија, која ги продава со големи попусти во однос на цените на светските пазари, имајќи предвид дека многу рафинерии престанаа да ја купуваат и преработуваат руската нафта. САД, исто така, се споменуваат како еден од поголемите купувачи на руската нафта изминатите месеци.
САД очекуваат дека цената на руската нафта ќе биде ограничена до декември, кога на сила треба да стапи и ембаргото на Европската унија, изјави во средата на безбедносниот форум во Аспен, заменикот на министерката за финансии, Вали Адејемо.
На почетокот од јули заменикот претседател на рускиот Совет за безбедност, поранешниот шеф на државата и премиер, Дмитриј Медведев, предупреди на континуиран енормен раст на цените на енергенсите, доколку се остварат обидите на земјите од Г7 да се изгради механизам за ограничување на цените на руската нафта.
„Ќе има значително помалку нафта на пазарот, а нејзината цена ќе биде многу повисока. Покрај тоа, таа ќе биде повисока од прогнозираната астрономска цена од 300-400 долари. Нема да има нафта или гас од Русија“, рече тогаш Медведев.
Цените на руските фосилни горива за извоз се во просек за 60 отсто повисоки од минатата година, а некои земји, како Кина, Индија и Обединетите Арапски Емирати, го зголемиле увозот на фосилни горива од Русија. Во јуни просечната цена на барелот од марката Ural беше околу 87,25 долари.
Уште во април Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) ѝ порача на Европската унија дека сегашните и идните санкции против Русија може да го создадат еден од најголемите шокови на пазарите на нафта, како и дека картелот не може да ги замени руските количества и дека нема да го зголеми своето производство. Би можело да дојде до губење од 7 милиони барели руска нафта и други енергенси на дневно ниво, поради моменталните и идните санкции и други акции, предупреди генералниот секретар OPEC, Мохамад Баркиндо од Нигерија.