Русија не планира да ги снабдува со нафта и гас државите коишто ги поддржуваат ограничувањата на цените на нејзините енергенси на меѓународните пазари, повторија во четвртокот од Кремљ но порачаа дека крајната одлука ќе ја донесат кога ќе ги анализираат сите бројки,
„Од сега остануваме на ставот на претседателот (Владимир) Путин дека нема да испорачуваме нафта и гас за земјите кои би го поставиле (ограничувањето на цените) и би се приклучиле на ограничувањето“, изјави портпаролот Дмитриј Песков на редовниот дневен брифинг за новинарите акредитирани во Кремљ.
Во средата новинската агенција Bloomberg, која главно е ориентирана на деловни новости, објави дека добила потврда дека Земјите од Г7 – САД, Велика Британија, Германија, Италија, Јапонија, Канада и Франција – со Европската унија разгледуваат ограничување на руската нафта на цена од 65 до 70 долари за барел.
Таа цена би требало да ја стимулира Русија да не го запира производството и извозот што би предизвикало силни потреси на меѓународните пазари на нафтата, но да ги ограничи нејзините приходи за да не може да ја „финансира својата војна“ во Украина.
Покрај тоа, Европската унија заедно со ембаргото на увозот на руската нафта, планира и ограничување на цената на рускиот гас, од почетокот на декември.
Според најаите лимитот за нафтата ќе биде воведен на 5-ти ноември, заедно со ембаргото за увозот на ЕУ, а на 5-ти февруари 2023-та на сила ќе стапат и ограничувањата на нафтените деривати.
Рускиот претседател Владимир Путин коментирајќи ја оваа иницијатива на западните земји изјави дека Русија нема да испорачува нафта во странство, доколку тоа е во спротивност со нејзините интереси.
Вицепремиерот Александр Новак, пак, посочи дека Москва нема да извезува нафта во земјите кои ќе одредат лимит на цената, ниту по 60 долари за барел, ниту по која и да е друга цена која е политички а не пазарно одредена. Додаде дека Русија активно работи со оние потрошувачи кои се подготвени да соработуваат по пазарни односи.