Русија нуди мировен договор „во стилот на Кореја“, смета Киев

Русија сака да воведе примирје што ќе ги подели украинските земји, слично на тоа како што е поделен Корејскиот полуостров денес, изјави Алексеј Данилов, шеф на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, цитиран од медиумите во земјата. Неговата изјава дојде откако Москва повтори дека мировните преговори се можни доколку Киев ги признае новите територии на Русија.

„Тие во моментов ни нудат корејска опција. Од една страна ќе имаме одредени Украинци, а од друга страна ќе имаме различни Украинци“, рече Данилов во телевизиско интервју во неделата, според украинскиот канал ТСН.

Корејската војна од 1950 до 1953 година заврши со примирје што ја формализираше 38-та паралела како де-факто граница меѓу Северна Кореја и Јужна Кореја.

„Со сигурност знам дека една од опциите што би можеле да ни ја понудат е „38-мата паралела“, рече Данилов. Тој тврди дека Дмитриј Козак, заменик-шефот на претседателската администрација на Русија, разговарал со политичарите од ЕУ и „пренесувал порака дека тие се подготвени на многу отстапки за да го признаат статус квото и да не принудат на некаков вид примирје“.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски ја откри „формулата за мир“ во септември, инсистирајќи на тоа дека решението на конфликтот е можно само доколку Москва ги предаде сите свои новосоздадени региони. Народните републики Доњецк и Луганск, заедно со две други поранешни украински територии – регионите Керсон и Запорожје – станаа дел од Русија по одржаните референдуми во септември минатата година. Крим го направи истото во 2014 година по државниот удар во Киев таа година.

Русија ги нарече условите на Зеленски неприфатливи. Претседателот Владимир Путин во телефонскиот разговор со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган во четвртокот рече дека преговорите со Киев може да се случат само доколку Украина ги признае „новите територијални реалности“.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров кон крајот на декември изјави дека украинските политичари се „неспособни да преговараат“, бидејќи „мнозинството се бесрамни русофоби“.