Русија објави дека го контролира небото над цела Украина

Руската воена авијација целосно го контролира небото над Украина, изјави во понеделникот на претпладневниот брифинг во министерството за одбрана во Москва, портпаролот генерал-мајор Игор Конашенков и додаде дека се освоени уште два града.

„Руската авијација се стекна со надмоќ во воздухот на целата територија на Украина“, изјави Конашенков.

Според него, во текот на изминатите 24 часа, руските воздухопловни сили уништиле уште осум борбени возила од противвоздушниот систем Бук М-1, по еден систем за противвоздушна одбрана С-300 и Бук М-1, три радиолокаторски позиции П-14, четири борбени авиони на земја и еден во воздухот.

Конашенков изнесе податоци според кои од почетокот на офанзивата во Украина, руските сили вкупно онеспособиле 1.114 објекти од украинската воена структура, вклучително и 314 тенкови и други оклопни борбени возила, 274 специјални воени возила, 121 парчиња копнена артилерија и минофрлачи, 57 повеќецевни ракетни системи, 31 командно место и комуникациски центар на украинската армија. Според портпаролот на руското министерство за одбрана, во првите три/четири деа од воената операција во Украина, биле уништени 40 системи на противвоздушна одбрана од моделите С-300, Бук М-1 и Оса, како и 56 радарски системи, а во неделата биле уништени уште три офанзивни беспилотни летатал од турско производство „Bayraktar TB-2“.

Конашенков во понеделникот рече и дека руските единици кои учествуваат во „специјалната воена операција“ во Украина ја преземале контролата над градовите Бердјанск и Енергодар, на југоистокот од земјата во Запорожката област која излегува на Азовското Море. Додаде и дека силите на проруските милиции од Луганск ја преземале контролата над уште на три места во регионот и напредувале уште 19 километри, при што го зазеле Нови Ајдар а Волноваха е целосно блокиран.

Руските единици, исто така, ја преземале контролата врз територијата околу нуклеарната централа во Запорожје, поставиле обезбедување а персоналот на централата продолжува со работа и сервисирање на објектите и редовното контролирање на нивиот на радиоактвиност кој во моментов е во нормалата.