Русија објави заземање на украинскиот град Соледар

Руските војски ноќта кон 12-ти јануари го завршија „ослободувањето“ на градот Соледар во доминантно руската источна украинска област Доњецк од единиците на украинската војска, објави во петокот портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков, откако претходно Киев објави дека украинските борци сѐ уште во петокот даваат силен отпор на руските јуриш.

„Вечерта на 12-ти јануари беше завршено ослободувањето на градот Соледар, што е важно за продолжување на успешните офанзивни операции во доњецкиот правец“, изјави генерал-полковникот Конашенков без да даде повеќе поединости за операциите и последиците од жестоките борби по двете завојувани страни.

Според него, целосната контрола на Соледар на руските сили им овозможува да ги отсечат правците за снабдување на украинските единици силно утврдени во блискиот град Артемовск (Бахмут на украински), на југозападот. Тоа, рече Конашенков, ќе овозможи блокирање и опкружување на украинските сили останати во Бахмут.

Неколку часа порани во петокот претпладнето од Киев беше објавено дека украинските борци во Соледар даваат силен отпор и оти руските сили немаат контрола над градот.

Во вообичаеното ноќно обраќање кон петокот, украинскиот претседател Володомир Зеленски во видео-обраќање на двете единици во Соелдар и рече дека „го држат своите позиции и нанесуваат значителни загуби“ без да даде повеќе поединости.

Меѓутоа, во некои украински медиуми и на социјалните мрежи жестоко се критикува односот на Киев кон бранителите на Соледар, дека едноставно биле препуштени а ветената поддршка во единици и оружје не пристигнала навреме.

Зеленски рече дека со високите украински команданти ги анализирал потребите за зајакнување на трупите во Соелдар и блиските градови на административната граница од индустрискиот регион Донбас, од кој најголемиот дел е под контрола на руските сили, како и за следните чекори во следните денови.

Основачот на руската приватна воена компанија „Вагнер“, претприемачот близок на Кремљ, Евгениј Пригожин, уште во четвртокот објави дека Соледар е целосно заземен, но Москва тогаш се воздржуваше од коментари. Пригожин објави дека најмалку два дена се воделе интензивни урбани борби со градот во кој останале неколку стотици украински борци кои не се повлекле или не сакале да се предадат и оти најголемиот дел од нив загинал во битката.

„Во моментов сѐ уште постојат некои мали џебови на отпор во Соледар“, изјави рано утрото во петокот на интернет емисија Андреј Баевски, локален проруски политичар.

Гувернерот на Доњецк именуван од Киев, Павло Кириленки, изјави за украинската државна телевизија дека 559 цивили останале во Соелдар, од кои 15 деца и дека не можеле да се извлечат од градот кој на важните рудници за сол со големи подземни коридори кој пред превратот во Киев во 2014 година имал околу 75.000 војници а пред почетокот на руската инвазија на крајот од февруари 2022 година броел 10.00 жители.

Истовремено руските медиуми емитуваа изјава на жител на Соледар кој успеал да се извлече од градот, кој тврди дека украинските сили го гранатирале градот со фосфорни гранати за да ја обвинат руската армија, како и дека тенковите од кои на крајот останал само еден дејствувал исклучиво од делови од градот во кои имало цивилни домови.

Снимките направени со дрон од медицинската евакуација на украинските војници од Соледар која ја видела агенцијата Reuters покажува напуштени улици во кој останале да стојат само неколку уништени згради, меѓу разнесени стебла и урнатини од кои се крева чад. Во прилогот 24-годишен војник згрижен надвор од Соледар вели „Ситуацијата е тешка, но стабилна. Го задржуваме непријателот… возвраќаме“.

Американските функционери се обидоа да ја минимизираат важноста од рускиот успех во Соледар, наспроти нивните претходни истакнувања на важноста на градот во изјавите дека овие позиции мора да бидат одбранети.

Соледар, кој името го добил по важните рудници за сол и големите подземни коридори кои водат до 10 километри оддалечениот Бахмут, е од стратешко значење за украинската војска бидејќи се наоѓа во центарот на одбранбената линија Бахмут-Северск. Таму се наоѓаат силни одбранбени утврдувања со дебелина од неколку метри и армирани со челични конструкции од вагони… Заземањето на Соледар ја прекинува директната линија за снабдување на украинските сили и го отвора патот кон стратешкиот јазол кон Краматорск.

„Дури и доколку Бахмут и Соледар паднат во рацете на Русија, тоа нема да има стратешко значење на самата војна. Тоа сигурно да ги запре Украинците или да ги забави“, неодредено изјави портпаролот на американскиот Совет за национална безбедност Џон Кирби ноќта кон петокот на брифингот во Белата куќа.

Украинскиот воен аналитичар Олександр Коваленко изјави за Reuters дека битката за Соледар го намалила притисокот за блискиот стратешки град Бахмут.

„Соледар веќе ја исполни својата улога – привлече големо количество руски ресурси кои се таму уништени“, рече Коваленко за медиумската страница nv.ua, но тоа ги потврдува критиките за жртвувањето на војниците во одбраната на овој град.

Коваленко додаде дека рудниците на сол во градот може да бидат „вносни“ за Русија ако нејзините сили го заземат градот. Според него украинските сили наводно сѐ уште го контролираат југозападниот дел и центарот на Соледар, но предупреди дека „одржувањето на контролата доаѓа по цена на човечки животи“.