Русија одбила да присуствува како набљудувач на воената вежба на НАТО во Норвешка

Русија одби да присуствува како набљудувач на претстојната вежба на НАТО во Норвешка, на која ќе учествуваат околу 30.000 војници на Алијансата од 27 земји.

Норвешка од 13 март треба да биде домаќин на вежбата „Студен одговор“. Вежбата, планирана со месеци наназад, има за цел обука на студено време во случај на напад.

Русија на неа беше поканета како набљудувач.

Норвешките вооружени сили соопштија дека сакаат „да бидат отворени и транспарентни во врска со оваа вежба, за да нема недоразбирања“ и дека вежбата е „од одбранбен карактер, каде се вежба сојузниците и партнерските земји“.

„Со тензиите во Европа, важно е да вежбаме за да можеме да се браниме“, се наведува во соопштението, додавајќи дека Норвежаните „би сакале Русија да испрати набљудувачи, но ние ја почитуваме нивната одлука“.

Оваа скандинавска земја има копнена граница со Русија долга речиси 200 километри.