Русија отвора кривична постапка против обвинителот и судијата од Хаг

Рускиот Истражен комитет соопшти во понеделникот дека отворил кривична постапка против обвинителот и судијата на Меѓународниот кривичен суд во Хаг кои во петокот издадоа налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин поради наводно незаконско пренесување на украински деца во Русија.

Рускиот Истражен комитет, кој е одговорен за истраги на тешки кривични дела, кој соопшти дека нема основа за кривична одговорност на рускиот претседател Путин, и посочи дека како и во другите земји челниците на државите уживаат апсолутен имунитет од јурисдикција на странски држави.

„Постапките на обвинителот на Меѓународниот кривичен суд покажуваат знаци на кривично дело според рускиот закон“, соопшти Истражниот комитет истакнувајќи дека станува збор за делото „свесно обвинување невино лице за злосторство“ и за „подготвување напад врз претседател на странска држава, кој ужива  меѓународна  заштита, со цел да се усложнат меѓународните односи“.

Станува збор за симболичен гест на Москва како одговор на  налогот за апсење на претседателот Путин, со кој тој и неговата комесарка за заштита на правата на децата се обвинети од Хашкиот трибунал за „воено злосторство“ поради наводно „депортирање на деца од Украина во Русија“. Кремљ претходно таквата одлука ја нарече „нечуена“, но и ништовна  бидејќи Русија се повлече од иницијативата со којашто е основа судот и со одлука на Советот за безбедност при ОН,  каде постојана членка е Русија.

Официјална Москва, исто така, ги отфрла обвинувањата за наводно присилно преселување на Украинци. Руската страна никогаш не криеше дека илјадници деца од Украина, од областите на коишто е доминантно руското и рускојазичното население се евакуирани во Русија во рамките на хуманитарни акции за да ги заштити сирачињата и напуштените деца од зоната на судирот, кои добиваат сместување, здравствена заштита и образование. Украина, пак, тврди дека илјадници деца се депортирани и се усвојуваат во руски семејства, сместуваат во кампови и сиропиталишта и се воспитуваат да го отфрлат украинското државјанство.

Русија го потпиша учеството во Римскиот статус за Меѓународниот кривичен суд во Хаг на 13-ти јуни 2000 година, но истапи од него на 16-ти ноември 2016 година. САД тогаш изразија „жалење“ поради таквата одлука на Москва да се повлече од Трибуналот, иако самиот Вашингтон тоа го стори 14 години претходно. Тогашниот портпаролот на американскиот Стејт департмент Џон Кирби изјави дека САД сметаат дека тоа е суверена одлука на секоја земја.

Москва тогаш оцени дека Трибуналот не го оправдал надежите кои се полагани во него и дека не станал независно правосудно тело со меѓународен авторитет. Русија, меѓу другото, тогаш образложи дека не може да биде индиферентна кон ставот на Трибуналот од август 2008 година кога режимот на тогашниот грузиски претседател Михаил Саакшвили, кој подоцна по превратот во Киев од 2014-та извршуваше политички функции во Украина, ја нападна автономната кавкаска област Јужна Осетија при што беа убиени руските мировници, а Трибуналот спротивно обвини руски војници и јужноосетиската власт.