Русија отвори кривична постапка за судиите и обвинителот на Меѓународниот кривичен суд кои го издадоа налогот за апсење на Путин

Рускиот Истражен одбор соопшти дека отвора кривична постапка против обвинителот и судиите на Меѓународниот кривичен суд (МКС) кои во петокот го издадоа налогот за апсење на претседателот Владимир Путин поради обвиненија за воени злосторства.

Одборот, одговорен за истраги на тешки злосторства, соопшти дека нема основа за кривична одговорност на рускиот претседател Путин, а шефовите на државите имаат апсолутен имунитет од јурисдикцијата на странски држави.

Постапките на обвинителот на МКС покажуваат знаци на кривично дело според рускиот закон, соопшти Одборот, истакнувајќи дека тука станува збор за свесно обвинување невино лице за злосторство и „подготвување напад врз претставник на странска држава, кој ужива меѓународна заштита, за да се искомплицираат меѓународните односи“.

Рускиот потег е одговор на симболичниот гест со налогот за апсење на Путин.

Кремљ одлуката на МКС ја нарече нечуена, но правно неважечка, бидејќи Русија не е потписничка на договорот со кој е формиран МКС.