Москва, одговарајќи на непријателските чекори на Вашингтон, го засилува развојот и започнува со производство на ракетни системи со среден и мал дострел, соопшти во вторникот руското Министерство за надворешни работи кое истовремено предупрдува дека авионите „F-16“ кои ќе ѝ бидат испорачани на Украина ќе бидат сметани за носачи на нуклеарно вооружување насочено против Русија
„Како одговор на дејствијата на САД, Русија го активира развојот и започнувањето на производството на аналогните ракетни системи. Покрај тоа, имајќи ги претходно најавените истражувања и развој, како и акумулираните знаења во рускиот воено-индустриски комплекс, овој процес нема да одземе многу време. Носењето на потенцијалните одлуки за инсталирањето на ваквото оружје, географијата на неговото распоредување подлежи на натамошни сопствени процени“, се нагласува во соопштението.
САД летото 2019 година тестираше конвенционална крстосувачка ракета земја-воздух, која беше забранета со Договорот за забрана на ракети со среден и мал дострел. Тестираната ракета, како што тогаш потврди Пентагон, може да носи конвенционални, но и нуклеарни боеви глави. Претходно САД се повлекоа од Договорот со Русија, откако со години ја обвинуваа Москва за негово кршење со распоредувањето на руски ракети ССЦ-8, кои можат да носат нуклеарно полнење. По повлекувањето на САД од овој и од низата други договори за забрана или контрола на вооружувањето, и Русија се повлече од овој договор, со што престана да важи Договорот за контрола на вооружувањето, со кој беше забрането развивање на ракети земја – воздух со дострел од 500 до 5.500 километри.
Се истакнува дека во обидот да се зголемат мултиплицираните закани за Русија, Вашингтон отворено започнал со распоредување копнени ракетни системи со среден и мал дострел (кои инаку можат да понесат нуклеарни боеви глави) во различни региони, особено во Европа, кои беа забранети со Договорот за забрана на ракети со среден и мал дострел (Intermediate-Range Nuclear Forces Treaty, IRNFT). Руската дипломатија ги обвини САД дека намерно го уништиле овој договор а потоа веднаш го интензивирале производството на проектили од оваа класа. Покрај тоа, според информациите кои ги поседува Москва, Вашингтон почнал да формира специјализирани единици со регионална поврзаност и го разработува создавањето на неопходната инфраструктура.
Во моментов, како што тврди руската дипломатија, САД започнале со преместувањето на овие ракетни системи во Европа и во Азиско-пацифичкиот регион „наводно во време на вежби со сојузниците“, што според Москва укажува дека производството и тестирањето на овој вид оружје е „во полн замав“.
„Отворено изјавуваме дека секогаш и каде и да се појават копнени INF проектили од американско производство, го задржуваме правото идентично да одговориме, што ќе значи прекинување на едностраниот руски мораториум на распоредувањето на овие вооружени системи“, истакнува руското Министерство за надворешни работи.
Руската дипломатија во објавата се осврнува и на претходно најавените маневри на руската армија со нестратешко нуклеарно оружје и притоа се истакнува дека таквиот чекор на Москва треба да се гледа во контекстот на „неодамнешните воинствени изјави на западните политичари и дестабилизирачките активности на земјите од НАТО насочени кон зголемување на притисокот врз Русија и создавањето дополнителни закани за нејзината безбедност“.
Притоа Москва конкретно ги посочува повторените изјави на францускиот претседател Емануел Макрон за испраќање воени контингенти на западните земји во Украина, како и на британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон кој минатата седмица во Киев изјави дека Лондон е согласен проектилите со долг дострел кој ѝ ги испорачал на Украина да бидат употребени за гаѓање цели на територијата на Русија.
„Покрај тоа, во западните медиуми се појавија информации дека голем број платеници од француската Легија на странците веќе се наоѓаат во Украина. Тоа е тешко да се сфати поинаку освен како манифестација на подготвеност и намера да се влезе во директен вооружен судир со Русија, што би значело и директен воени судир на нуклеарни сили“, предупредуваа Москва преку објавата на својата дипломатија.
Дополнително, како што истакнуваат од руското Министерство за надворешни работи, Русија ќе ги перципира американските ловци „F-16“ кои ѝ се ветени на Украина како носачи на нуклеарно оружје, поради нивната способност да бидат опремени со овој вид проектили. Москва појаснува дека овие авиони „долги години ја сочинувале воздухопловната флотила која се користи во ткн заеднички нуклеарни мисии наНАТО“.
„Без разлика со каква конкретна модификација ќе бидат испорачани (во Украина – з.р.) овие авиони, ние ќе ги сметаме за носачи на нуклеарно оружје и овој чекор на САД и НАТО ќе го сметаме за насочена провокација“, предупредува Москва.
Руската дипломатија притоа изразува „надежи“ дека најавените руски маневри со нестртешко нуклеарно оружје ќе ги „разлади вжештените глави во западните престолнини“ и „ќе им помогне да ги сфатат катастрофалните последици“ од ризиците што ги создаваат и ќе ги спречат да бидат „соучесници на режимот во Киев во неговите терористички акции, како и да бидат вовлечени во директен вооружен конфликт“ со Русија.
Историјат на укинувањето на американско-руските договори за вооружување
САД официјално на 2-ри август 2019 година се повлекоа од Договорот за елиминација на проектилите со среден и мал дострел (INF – Intermediate Nuclear Forces Treaty), обвинувајќи ја Русија дека го крши, додека Москва одговори дека Вашингтон само бара изговор за да започне трка во вооружувањето. Москва ги нарече американските тврдења неосновани, нагласувајќи дека земјата целосно ги испочитувала условите од Договорот а прашањата се поставуваат од постапките на самите држави.
Договорот во 1987 година го потпишаа тогашните лидери американскиот и последниот советски челник, Роналд Реган и Михаил Горбачев. Договорот INF беше потпишан на 8-ми декември 1987 година, а стапи на сила на 1-ви јуни 1988 година. Со него се опфатени распоредените и нераспоредените проектили со помал дострел, од 500 до 1.000 километри, и со среден дострел, од 1.000 до 5.500 километри.
САД уште пред 2019 година веќе се повлека и од сличниот билатерален договор со Русија, Договорот за антибалистички проектили (ABM) од почетокот на 2000-те години, тврдејќи дека мора да развиваат антибалистичка програма поради одбрана од „одметничките“ држави како што се Иран и Северна Кореја. Вашингтон, исто така, се двоуми и во поглед на договорот СТАРТ-3, потпишан во 2010 година од тогашните претседатели на суперсилите Барак Обама и Дмитриј Медведев, кој останува единствениот договор во моментов кој е на сила меѓу САД и Русија за ограничување на оружјето. Договорот истече во 2021 година, а Вашингтон не се изјасни дали ќе го продолжи, имајќи предвид дека на 2-ри февраури годинава се повлече од Договорот за неупотребување на ракетите со среден дострел. Москва, пак, во неколку наврати искажа подготвеност да се разговара за овој договор.
Договорот Нов СТАРТ (Договор за намалување на стратешкото вооружување Strategic Arms Reduction Treaty) познат и како START-3 е потпишан во 2010 година во Прага го ограничува бројот на стратешките нуклеарни боеви глави, проектили и бомбардери кои Русија и САД може да ги распоредат. Двете земји контролираат околу 90 отсто од светските резерви на нуклеарно вооружување. Договорот START-3 ги играничува двете суперсили на 1.550 нуклеарни боеви глави подготвени за лансирање и по 800 лансирни системи. Исто така, го ограничува и бројот на лансери на нуклеарни проектили и проектирите распоредени на копното и на подморниците, како и на стратешките бомбардери.
Администрацијата на претходниот американски претседател Доналд Трамп преговараше по истото прашање со Русија, но не успеа да постигне договор. Во прв ред, поради сомневањата на Трамп дека Москва е во значителна предност во овој поглед, како и неговото инсистирање на договорот да се приклучи и Кина, којашто одбиваше тврдејќи дека нејзините резерви од вакво вооружување се недостижно во моментов многу помали отколку на двете земји.
Администрацијата на сегашниот американски претседател Џо Бајден искажуваше заинтересираност за нови преговори но без конкретни чекори, а Москва која во минатото искажуваше заинтересираност за нов договор, откако кон крајот на 2021 година САД и НАТО го одбија нејзиниот предлог за постигнување обврзувачки договор за намалување на безбедносните закани по Русија и особено по почетокот на војната во Украина, посочи дека американските барања од лани за продолжување на инспекциите се „лицемерни“ и „бесмислени“. Покрај тоа, Русија сега бара да бидат со нов договор опфатени и нуклеарните арсенали кои ги поседуваат сојузниците на САД во НАТО, во прв ред Велика Британија и Франција што Западот, исто така, го одбива.