Руските извозници на житарки немаат намера еднострано да ги прекинат испораките на пченица во Сирија, и покрај тамошните политички превирањата, изјави во понеделникот шефот на Здружението на производители и извозници на житарки, Едуард Зернин.
Сирија е под санкции на ЕУ и САД речиси 15 години. Во 2014 година американските војници влегоа во Сирија со цел да го спречат повторното зајакнување на џихадистичката Исламска држава, а денеска освен најголемите нафтени и гасни наоѓалишта на северозападот на Сирија, го окупираат и регионот важен за одгледување пченица и други земјоделски култури.
Владата на Башар ал-Асад ги третираше американските сили за окупатори бидејќи непречено ги експлоатираат сириските ресурси, но радикалните исламистички групи избија токму од сириската провинција Идлиб пред десетина дена и по повлекувањето на сириската армија го зазедоа главниот град Дамаск. Претседателот Башар ал-Асад ја напушти Сирија, а Москва во меѓувреме објави дека откако по договор ја предал власта му дала азил нему и на неговото семејство. Непознато е сѐ уште кога Асад точно допатувал во Москва.
Вооружените исламистички групации се подготвуваат да ја востоличат новата влада во Дамаск, а руските производители на житарки во понеделникот изјавија дека се подготвени да продолжат да ја снабдуваат Сирија.
„Руските извозници на жито немаат намера еднострано да ги укинуваат обврските од склучените договори“, изјави претседателот на Руската унија на производители и извозници на жито.
Според неговите проценки, Сирија увезува околу два милиона метрички тони пченица годишно, а прекинот на руските испораки може да значи закана од глад за земјата со, според процените, во моментов со повеќе од 23 милиони жители.
„Сирија не е клучен потрошувач за нас, но е пристоен пазар со капацитет од околу два милиона тони пченица годишно“, истакна Зернин.
Според првиот човек на здружението, руските извозници ќе соработуваат со сириската страна за решавање на исплатите на пченицата и неподмирените долгови. Русија ѝ одобри заеми на Сирија за да може да плати за увезената пченица.
Од почетокот на тековната земјоделска сезона Русија извезла 300.000 тони пченица во Сирија, вели Дмитри Рилко од консултантската компанија ИКАР со што оваа блискоисточна земја се наоѓа на 24. место на листата на купувачи на руска пченица.