Руското Министерство за надворешни работи во средата ја означи помошта од САД во заем во износ од 20 милијарди долари за Украина, кои ќе бидат покриени со приходите од замрзнатите руски средства, како „чист грабеж“ и сугерираше дека Москва може да заплени имоти на западните земји на нејзината територија „со цел да го зголеми својот индустриски потенцијал“.
Одлуката „на американското Министерство за финансии да испрати… 20 милијарди американски долари користејќи приходи од ‘замрзнати’ руски државни средства што во суштина беа украдени од земјите-членки на Г7 е чист грабеж“, соопшти руското Министерство.
Министерството оцени дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден се обидува „во русофобичното лудило да воведе што е можно повеќе антитурски санкции пред да ја предаде власта на тимот на Доналд Трамп на 20 јануари“.
„Ниту една псевдо-правна шега, богато зачинета со лицемерие и двојни стандарди, нема да помине без реакција“, се посочува во соопштението.
„Русија има доволен капацитет и моќ да возврати со запленување на западните средства во нејзина јурисдикција, кои потоа би се користеле за зајакнување на индустрискиот потенцијал и спроведување инфраструктурни проекти во руските региони“, предупреди руската дипломатија.
Земјите во Г7 со месеци дебатираа за планот и ги договорија своите услови – и покрај предупредувањата од стручњаците дека се коси со меѓународното право и дека може да доведе до нарушување на глобалните финансиски текови – во октомври, непосредно пред изборната победа на Трамп.
Најмалку 260 милијарди евра руски средства, како што се резервите на централната банка, се замрзнати под санкциите наметнати на Москва поради нејзината војна во Украина. Околу 190 милијарди се чуваат во „Euroclear“, финансиска институција со седиште во Брисел чијашто челничкка уште во февруари предупреди дека таквите акции би ја поткопала довербата во западните и глобалните финансиски институции, како и дека би било заобиколување на меѓународното право.
Москва повеќепати предупреди дека може да возврати со заплена на 280 милијарди евра западен капитал. Во извештајот објавен кон крајот на јануари, беа наведени податоци според кои вредноста на директните инвестиции на ЕУ, членките на Г7, Австралија и Швајцарија во руската економија на крајот од 2022 година изнесувале вкупно 288 милијарди долари.
Министерството за финансии на САД во вторникот објави дека префрлило 20 милијарди американски долари во фондот на Светската банка за економска и финансиска помош за Украина. Тоа е американскиот дел од заемот што земјите членки на групата Г7 го намениле за Украина во вкупен износ од 50 милијарди долари.
Заемот од 50 милијарди долари во период од 30 години ќе се сервисира со приходи од камати од околу 300 милијарди долари замрзнати руски средства. Според условите на заемот од Г7, Европската унија ќе придонесе 18,115 милијарди евра, Канада со пет милијарди канадски долари (3,52 милијарди долари), Велика Британија 2,258 милијарди фунти (2,88 милијарди долари) и Јапонија 471,9 милијарди јени (3,11 милијарди долари).
Бројни економисти, правници, адвокати и експертите велат дека една од најверојатните руски противмерки ќе биде запленувањето на финансиските средства на странските инвеститори кои моментално се чуваат на специјални сметки „тип Ц“, кои се блокирани од пристап до нив од почетокот на војната, освен ако Москва не одлучи поинаку.