Русија порача – американските ракети со долг дострел за Украина се „црвената линија“

Доколку САД решат на Киев да му испратат ракети со долг дострел, ќе ја минат „црвената линија“ и конечно ќе потврдат дека се „директен учесник во конфликтот“, предупреди во четвртокот портпаролката на руското министерство за одбрана, Марија Захарова.

На редовниот брифинг во Москва, Захарова истакна дека во тој случај Русија го задржува правото да ја заштити сопствената територија и население.

САД ѝ испорачаа на Украина со напредни ракети за системот HIMARS со дострел од 80 километри и досега се воздржуваше јавно да објави дека испратил и проектили со двојно поголем дострел. Вашингтон образложи дека добил ветување од Киев дека американските ракети нема да ги користи за напади врз руска територија, затоа што тоа би ја однело војната во поинаков правец.

Претходно седмицава, пак, повторно од Киев и Вашингтон следеа повици на Украина да ѝ бидат испорачани такви проектили.

„Доколку Вашингтон одлучи да му достави на Киев ракети со поголем дострел, тогаш ќе ја мине црвената линија и ќе стане директна страна во конфликтот (…) При таквото сценарио, ние ќе бидеме присилени соодветно да одговориме“, рече Захарова.

Како што претходно објавија американските функционери, Украина за ракетните системи M142 HIMARS (High Mobility Artillery Rocket System) добива илјадници наведувани проектили GMLRS со дострел од 80 километри, иако овие инсталации се способни да истрелуваат и оперативно-тактички проектили ATACMS (Army Tactical Missile System) со речиси трипати поголем дострел.

Кон крајот на јуни советникот на Белата куќа за национална безбедност Џејк Саливан изјави дека американскиот претседател Џо Бајден не е подготвен во рамките на големата нова воена помош на Украина да ѝ испорача проектили за високомобилните повеќекратни ракетни лансери HIMARS со дострел до 300 километри за да се избегне можноста од Трета светска војна.