Русија порача дека испраќањето на авионите „F-16“ за Украина ќе биде „колосален ризик“ за Западот

Западните земји ќе се изложат на „колосални ризици“ доколку на Украина ѝ ги испорачаат борбените авиони „F-16“, го цитираше во саботата агенцијата ТАСС рускиот заменик министер за надворешни работи Александр Грушко, откако од Киев објави дека веќе е донесена одлука за предавање на овие авиони на Украина.

Грушко одговарал на прашањето за импликациите од потенцијалното испраќање на овие борбени авиони од американско потекло, кои Украина ги бара од земјите членки на НАТО.

„Во тек е движењето по таканареченото скалило на ескалација. Гледаме дека западните земји и натаму се придржуваат до сценарио за ескалација. Тоа вклучува колосални ризици за нив самите. Во секој случај, ова ќе биде земени предвид во сите наши планови, а ние ги имаме сите неопходни средства за постигнување на целите кои си ги зададовме“, рекол Грушко.

Набрзо во саботата советникот на шефот на кабинетот украинскиот претседател Михаило Подолјак објави дека западните земји веќе одлучиле на Украина да ѝ испорачаат борбени авиони „F-16“.

„Остануваат две многу интензивно дискутирани прашања, исто како и пред создавањето на ‘тенковската коалиција’. Со тоа практично е донесена одлуката. Сака да го разберете тоа – земјите (од Западот) ја донесоа одлуката. Тие веќе осознаваат дека ќе ни го испорачаат сето тоа оружје, вклучително и ‘F-16’. Сега се решаваат прашањата како тоа логистички да започне“, изјави Подолјак во интервју за украинскиот 24-ти тв-канал, одговарајќи на соодветното прашање.

Од своја страна, украинскиот министер за обрана Олексиј Резников објави дека украинските пилот „со нетрпение го очекуваат почетокот на обуката на ловците F-16“. Им се заблагодари на американскиот министер за одбрана Лојд Остин, на британскиот колега Бен Валас, на холандската министерка Каиса Оленгрен, на белгиските и данските министри за одбрана Лудивин Дедондер и Троелс Лунд Поулсен за нивната подготвеност да ги обезбедат потребните можности за тоа.

Во вторникот, имено, британската влада објави дека премиерот Риши Сунак и неговиот холандски колега Марк Руте договориле воспоставување „меѓународна коалиција“ за да ѝ се помогне на Украина да ги добие авионите „F-16“.

Двајцата премиери се сретнаа на маргините на самитот на Советот на Европа на Исланд и „се согласија да работат заедно на воспоставувањето меѓународна коалиција за на Украина да ѝ овозможат борбени воздухопловни способности…, од обука до испораки на авиони F-16“, се наведува во соопштението на британската влада.

Украина сѐ уште не обезбеди ветување за испраќање на овие авиони, но американскиот претседател Џо Бајден на челниците на земјите од групата Г7 во петокот им рече дека САД ги поддржуваат програмите за оспособување на украинските пилоти за користење на авионите „F-16“, според високи американски функционери, пренесе Reuters.

Тоа е во спротивност со написот во The New York Times, според кој администрацијата на Бајден не дозволува украинските пилоти да ја минат обуката на авионите од американско производство кои се во сопственост на европските сојузници.

Во Белата куќа, имено, постои сомнеж дека на Украина ѝ се потребни вакви скапи авиони. Според американски врвен функционер, сомнежот донекаде доаѓа од тоа што мултимилионската цена на авионите ќе се одрази на и онака сѐ помалиот воен буџет на земјата. Покрај тоа, САД се загрижени од тоа тајните технологии вградени во авионот да не паднат во рацете на противникот, објави NYT.

Американската телевизиска мрежа NBC News во петокот извести дека САД и нивните сојузници планираат да ги испорачаат ловците „F-16“ на Украина.