Русија порача дека Швајцарија не може да ги претставува нејзините интереси во Украина

Руското министерство за надворешни работи соопшти во четвртокот дека Швајцарија не може да ги застапува на Киев во Русија, ниту на Москва во Украина, бидејќи со воената помош за украинската војска и придружувањето на западните антируски санкции престанала да биде неутрална земја.

„Швајцарија …. престана да биде неутрална држава и се приклучи на антируските санкции“, изјави заменикот-директор одделот за информации во руското министерство за надворешни работи Иван Нечаев.

„Многу јасно одговоривме дека Швајцарија, за жал, го загуби статусот на неутрална држава и не може да дејствува ниту како посредник, ниту како претставник на интересите. Како што е познато, Берн се придружи на незаконските санкции против Русија, го поддржува антинародниот нацистички режим во Киев, учествува во агресивната русофобна кампања која ја започнаа Западот и Украина, потполно е неразбирливо како со такво однесува може да се понуди посредување, претставување и вршење други услуги“, рече Нечаев.

Според него, „фактот што Берн, знаејќи го мислењето, ги продолжи преговорите со Киев за прашањето за меѓусебното претставување, потврдуваат дека интересите на Русија воопшто не ги засегаат. Тоа само го потврдува нашиот став дека не може да стане збор за никакво претставување, посредување на Швајцарија“, додаде рускиот дипломат.

Украина сакаше Швајцарија да ги претставува нејзините интереси во Русија по прекинот на дипломатските односи меѓу Киев и Москва по почетокот на војната. Преговорите за таквиот мандат на „заштитна сила“ беа договорени меѓу Киев и Берн, објави во четвртокот швајцарското министерство за надворешни работи, порачувајќи дека го очекува одговорот од Русија.