Русија порача НАТО и Украина да не преземаат „авантуристички“ чекори во Придњестровје

Москва ги предупредува САД, НАТО и Украина да не преземаат авантуристички потези во Придњестровје, објави во петокот руското Министерство за надворешни работи по зачестените објави од Киев дека е подготвен воено да интервенира во доминантно прорускиот одметнат регион на Молдавија доколку тоа го бараат пророманските власти во Кишињев.

Предупредувањето на руската дипломатија доаѓа откако во западните земји сѐ повеќе се инсистира на што побрзо интегрирање на Молдавија во западните колективни организации, но заедно со одметнатата проруска област Придњестровје која има стратешка важност поради нејзината граница со украинската област на Одеса.

„Ги предупредуваме САД, земјите членки на НАТО и нивните украински штитеници на преземање на следните авантуристички чекори“, порача руското Министерство за надворешни работи.

Се истакнува дека Москва поддржува решавање на секое прашање со политички и дипломатски средства, но дека „никој не треба да се сомнева дека во случај на провокација од страна на Киевскиот режим, руските вооружени сили соодветно ќе одговорат и ќе ги заштитат сонародниците, мировниот (руски) контингент и воените складишта во Придњестровје“.

„Секое дејствие што претставува закана за нивната безбедност ќе се смета, во согласност со меѓународното право, како напад врз Руската Федерација“, остро предупредуваат од Москва.

Претходно во четвртокот доцна ноќта руското Министерство за одбрана истакна дека поседува веродостојни информации дека во Киев подготвуваат вооружена провокација во Придњестровје. Според воените аналитичари, евентуалното отворање на ова боиште ќе значи дека украинскиот фронт долг речиси 1.400 километри, би бил развлечен за уште најмалку 200 километри. Станува збор за стратешка област, која претставува клин меѓу земјите коишто се во НАТО под контрола на Русија.

 

„Киевскиот режим ги активизираше подготовките за инвазија во Предњестровската Молдавска Република. Како што беше соопштено претходно, таквата активност на украинските сили ќе биде извршена како наводен одговор на исценирано настапување на руските војници на територијата на Придњестровје“, се вели во објавата на апликацијата Telegram.

Руското Министерство за одбрана истакнува дека во близина на украинско-придњестровската граница е евидентирана значителна групација на жива сили и опрема на украинската војска. Се прецизира дека се заземени артилериски позиции, како и дека е енормно зголемена активноста на украинските дронови на територијата.

Спроведувањето на таквата провокација, истакнуваат од Москва, претставува директна закана за рускиот мировен контингент распореден во Придњестровје според меѓународно законски основи.

„Руските вооружени сили соодветно ќе одговорат на претстојната провокација од украинска страна“, предупредува министерството.

На територијата на Придњестровје од 1990-те години е распоредена оперативна група на руските војски, која ја замени 14-та комбинирана армија, којашто по распадот на СССР беше поставена под јурусдикција на Русија. Нејзината главна задача е мировната мисија и заштита на воените складиште. Рускиот баталјон со 400 припадници беше испратен по вооружениот конфликт од 1992 година меѓу Молдавија и Приднестровје, како дел од меѓународните мировни сили, во кои беа вклучени и воени набљудувачи од Молдавија и од Украина.

Придњестровје, или Трансдњестрија, чиешто населени во 60 отсто го сочинуваат Руси и рускојазични Украинци, како и припаници на други народи, во 1990 година пред распадот на СССР се отцепи од советската република Молдавија, стравувајќи од тенденциите на властите во Кишињев, каде што официјален јазик е романскиот – да се присоедини кон Романија. По две години избувна кусиот судир. Во војната која избувна во овој регион во 1992 година загинаа околу 1.500 лица. Оттогаш, практично Придњестровје е независно иако не е признато од ниедна држава, а меѓународната заедница го смета за составен дел од Молдавија, земја со 3,5 милиони жители меѓу Романија и Украина.

Парламентот во Приднестровје кон средината на април 2014 година поднесе барање до рускиот парламент и претседателот на Руската Федерација да започнат процедура за признавање на независноста. Одлуката се заснова врз резултатите од референдумот од 2006 година кога дури 97 отсто од гласачите ја поддржале независноста на Придњестровје како и барањето за присоединување кон Русија.