![zatvor elenovka donbas](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/07/zatvor-elenovka-donbas.jpg?resize=640%2C426&ssl=1)
Русија официјално во покани експерти од Обединетите нации и од Црвениот крст во интерес на објективната истрага за гранатирањето на истражниот затвор Еленовка во кој беа заточени украинските воени заробеници, објави ноќта кон неделата руското министерство за одбрана.
„Руската Федерација, во интерес на спроведување објективна истрага за нападот врз истражниот затвор во Еленовка, кој доведе до смрт на голем број украински воени затвореници, официјално покани стручњаци од Обединетите нации и од Меѓународниот комитет на Црвениот крст“, се истакнува во соопштението од Москва.
Претходно Украина побара на претставници на ОН и на Црвениот крст да им се дозволи да го истражат случајот со гранатирањето во кое загинаа повеќе од 50 а ранети си над 70 украински воени заробеници во истражниот затвор во одметнатиот доминантно руски регион Доњецк кој од 2014 година е под контрола на проруските сепаратисти.
Киев вели дека не го гранатирала затворот, туку дека тоа е наводно подметнување на Москва, додека руската страна ја обвини Украина и прикажува остатоци од проектили со долг дострел кои ги користат американските повеќекратни ракетни системи HIMARS кои САД неодамна ѝ ги испорачаа на украинската армија.
Како што уште во четвртокот обвинија сепаратистите од Доњецк, Киев со ваквите напади врз локации каде што се затворени заробените украински борци има намера да ги спречи да сведочат за сторени воени злосторства од украинската војска како и да ги заплаши оние кои сакаат да го положат оружјето.
Од Црвениот крст за медиумите рекоа дека барале пристап до затворот, за да помогнат во евакуација и лекување на ранетите.
„Во моментов приоритет ни е да осигуриме ранетите да добијат лекување кое може да им го спаси животот и со телата на оние кои ги загубиле животите да се постапува на достоинствен начин“, беше наведено во соопштението на Црвениот крст.
Меѓутоа, од Црвениот крст но не испратиле никакво официјално барање за тоа или за учество во истрага до Доњецк или до Москва.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски, кој сѐ почесто е цел на остри критики поради фото-сесијата со сопругата Олена за американското списание Vogue, неубедливо тврди дека гранатирањето на затворот бил наводен обид на Русија да ги „уништи доказите за мачење и убивање“.
Како што беше претходно објавено, во затворот во Еленовка биле сместени и дел од борците на паравоениот злогласен ткн баталјон „Азов“ кои кон средината на мај се предадоа по опсадата во Мариупол.
Данил Везсонов, портпарол на самопрогласената Народна Република Доњецк, изјави дека нападот бил „директен погодок врз некогашната касарна во која биле затворениците“.
Руското министерство за одбрана тврди дека затворот е погоден со американските системи HIMARS додека Украина која во своите дневни извештаи редовно известува за наводно жестоки гранатирања на руските позиции сега тврди дека не извела никакви артилериски или ракетни напади.
Симптоматично е веќе трет ден молчењето од Вашингтон и Лондон, кои вообичаено веднаш известуваат за поседување сателитски снимки и разузнавачки информации. Пентагон ноќта кон саботата не сакаше конкретно да коментира, само наведе дека и доколку гранатирањето го извела украинската војска тоа „не било намерно“,
„Доколку тоа бил удар од украинската страна, ве уверувам, тие не сакале да го сторат тоа“, изјавил еден од портпаролите на министерството за одбрана на САД на брифинг со новинарите.
Истовремено координаторот за стратешки комуникации при Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, изјави дека САД не располагаат „со доволно разузнавачки информации во врска со овој инцидент“.