Русија преместила непознат број борбени офанзивни авиони од типот „Сухој Су-255М“ во Белорусија, неколку дена пред почетокот на најавените воени маневри на територијата на соседната земја со којашто од 1997 година има договор за сојузна заедница а која граничи со Украина која последниот период е во фокусот на ескалацијата на тензиите меѓу Западот и Москва.
Авионите се дислоцирани на оддалеченост од 7.000 километри од Приморје на Јапонското Море во воените воздушни бази во областа Брест во западна Белорусија, соопшти во саботата руското министерство за одбрана без да го наведе точниот број на борбените авиони.
Западот предводен од САД ја обвинува Русија дека наводно планира инвазија врз Украина. Москва тоа го негира и возвраќа дека Западот го вооружува Киев и го поттикнува на воено решение на конфликтот во источната област Донбас, населена претежно со руско и рускојазично мнозинство на самата руска граница.
Земјите од НАТО, главно САД, Велика Британија и Франција од октомври минатата година разместуваат бројни бродови, борбени и авиони во Балтикот и во базите во источна Европа, а зачестени и зголемени се испораките на оружје за војската на Украина. Западните разузнавачи разгледуваат две опции за можен напад од Русија, едната преку регионот Донбас, кој го контролираат проруските милиции на самопрогласените републики во Донецк и Луганск. Втората е наводна инвазија од територијата на Белорусија, чија граница е близу украинската престолнина Киев.
НАТО ја обвини Русија, којашто претходно тога го објави, за разместување на околу 30.000 свои војници во Белорусија, вклучително и борбени авиони, балистички проектили „Искандер“ кои може да понесат нуклеарни боеви глави, беспилотни летата, системи за противвоздушна одбрана С-400 и специјални единици на военото разузнавање ГРУ. Со тоа, според Алијансата, се зголемува бројот од 100.000 руски војници кои веќе наводно се разместени во близина на украинската граница.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, пак, соопшти дека помалку од 13.000 руски војници, 300 тенкови, 500 оклопни возила и 3.500 припадници на воздушно-десантните единици ќе бидат вклучени во вежбите во Белорусија.
Проверките на заедничките руско-белоруски сили, како што беше објавено кон средината на јануари, се одржува во две фази. Првата ќе трае до 9-ти февруари, кога единиците ќе бидат прераспоредени на територијата на Белорусија и ќе бидат формирани групации војски. Во втората фаза, којашто ќе трае од 10-ти до 20-ти февраури, ќе се одржат маневрите под назив „Сојузна решителност 2022“ на кои војничкиот и офицерскиот кадар ќе увежбуваат сузбивање и одбивање надворешна агресија, како и антетерористички операции.