Русија предлага алтернативна платформа за плаќање на БРИКС

Русија ќе им предложи на членките на грипацијата БРИКС формирање платформа за меѓународни плаќања којашто ќе му конкурира на сегашниот „централизиран“ систем и ќе биде фокусирана на плаќањата во националната валута, се наведува во документот објавен на веб-страницата на руското Министерство за финансии.

Новата инфраструктура за прекугранични плаќања би вклучувала систем за пораки и мрежа од комерцијални банки кои ќе вршат прекугранични трансакции во национални валути.

Централните банки би имале централно место во трансакциите за да го заштитат платежниот сообраќај од надворешни влијанија, објаснува руското претседателство на БРИКС во нацрт-документот, изготвен пред самитот што ќе се одржи од 22-ри до 24-ти октомври во рускиот град Казан.

Воспоставувањето директни врски меѓу централните банки би можело да го намали ризикот на минимум, бидејќи исклучувањето на комерцијален заемодавател од системот би значело исклучување на „неговата“ централна банка, објаснуваат тие, наведувајќи ја можноста за заедничка мултилатерална платежна платформа, која ќе се заснова на модерна технологија.

„Кризите ги истакнаа недостатоците на меѓународниот финансиски систем и потенцијалот за дестабилизација претставена со „преголемото потпирање на единствена валута и на централизирана финансиска инфраструктура“, се наведува во документот.

Системот треба да се прилагоди за подобро да се справи со „предизвиците што ги носи фрагментацијата на светската трговија“ и да биде во чекор со потребите на светската економија, се додава во документот.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и неговите специјални права на влечење (SDR) во развојот не ја следеа светската економија, е заклучокот на руското претседателство со БРИКС.

Според првичниот план, SDR требаше да станат алтернативно средство во државните резерви, па дури и нова глобална валута, но нивната ефективност, севкупно, сè уште е ограничена, наведуваат тие, предлагајќи дискусија за нивната можна улога во глобалната економија и во контекст на приватниот сектор.

Руското претседавање со БРИКС предлага и формирање заедничка берза за житарки, чија цел е да понуди алтернатива на сегашниот механизам за одредување цени на берзите во западните земји.

„Со цел да се обезбеди ефикасна, непречена и транспарентна прекугранична трговија со стоки, руското претседателство со БРИКС предлага формирање платформа за тргување со житарки во рамките на Берзата на житарки БРИКС“, се наведува во документот, додавајќи дека оваа мерка ќе обезбеди независна одредување на цените и зајакнување на суверенитетот на економиите-членки на БРИКС.

Механизмот за тргување со житарки меѓу членките на БРИКС во иднина ќе вклучува нафта, природен гас и злато, се додава во документот.