Русија во четвртокот ја обвини Велика Британија дека оваа земја е „предлабоко“ инволвирана во војната во Украина, предупредувајќи ја дека ризикува „опасна“ ескалација на кризата.
Андреј Келин, рускиот амбасадор во Обединетото Кралство, во вечерното интервју на Sky News, ги повтори тврдењата на руското Министерство за надворешни работи дека британските специјалисти биле вклучени во нападот со воздушни и подводни дронови врз руски цивилни и воени бродови во водите на црноморското пристаниште Севастопол а изведен од зоната на ткн хуманитарен коридор за извоз на житарките од Украина, а најмалку еден од подводните дронови бил лансиран од цивилен брод.
Откако претходно во четвртокот британската амбасадорка во Москва, Денора Бронерт беше повикана во руското Министерство за надворешни работи во врска со инцидентот, амбасадорот Келин порача дека Русија „многу наскоро“ ќе ги објави своите докази.
„Многу добро знаеме за учеството на британските специјалци во обуката, подготовките и извршувањето на плановите против руската инфраструктура и руската флота во Црното Море. Знаеме дека тоа е сторено“, рече рускиот амбасадор.
Руската дипломатија во четвртокот прецизираше дека соработката меѓу британската и украинската воена морнарица во таа насока започнала уште во 2020 година со 15 британски инструктори и ги лоцираше трите области каде што се изведувале тренинзите и обуката, како и дека подводните дронови биле испорачани од Лондон.
„Тоа е опасно. Може да нѐ доведе до точката, би рекол, без враќање – враќањето секогаш е можно, но би требало да ги избегнуваме ескалациите. Ова е предупредување дека Британија е предлабоко во овој судир. Тоа значи дека ситуацијата станува сѐ поопасна“, предупреди Келин.
Рускиот амбасадор, исто така, рече дека Москва продолжува со истрагите за експлозиите во коишто ноќта кон 26-ти септември во Балтичкото Море беа оштетени подводните гасоводи Северен тек 1 и 2. Москва веќе два дена бара одговор од официјален Лондон одговор за пресретнатата порака „сторено е“ којашто сега веќе поранешната британска премиерка Лиз Трас му ја испратила на американскиот државен секретар Ентони Блинкен само една минута по експлозиите, кога никој сѐ уште не знаел за инцидентот.