Русија би можела целосно да ги прекине дипломатските односи со Соединетите држави доколку Вашингтон ги конфискува руските средства замрзнати поради војната во Украина, објави новинската агенција Интерфакс, цитирајќи го во петокот заменик министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков.
Соединетите држави „не смеат да постапуваат под илузијата… дека Русија очајно се држи до дипломатските односи со таа земја“, рече Рјабков.
Русија соопшти дека односите со САД се „под нулата“ поради, во прв ред одбивањето на Вашингтон кон крајот на 2021 година да постигне обврзувачки договор со Москва за неширење на НАТО кој нејзините граници што се сфаќа како закана за нејзината безбеднсот, а потоа и поради американската воена, командна, разузнавачка и финансиска помош за Украина во војната, која сега е при крајот на втората година.
Рјабков рече дека Русија, која испрати сили во Украина во февруари 2022 година во, како што ја нарече „специјална воена операција“, нема да биде таа што ќе иницира прекин на дипломатските врски, но таквото прекинување може да биде поттикнато од голем број фактори.
„Активирањето може да биде конфискација на сопственоста, натамошна воена ескалација, многу други работи. Не би навлегувал во негативни прогнози овде“, рече Рјабков додавајќи дека Москва е „подготвена за секое сценарио“.
Некои западни политичари бараат замрзнати руски средства во вредност од околу 300 милијарди долари да ѝ бидат предадени на Украина за да помогне во обновата на нејзината економија опустошена од војната. Меѓутоа, многу правни експерти предупредија дека станува збор за немање законски основи да се преземат такви потези, а економските стручњаци предупредија дека тоа може да предизвика финансиска дестабилизација на глобално ниво.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во петокот изјави за новинарите дека секој таков потег ќе му нанесе сериозен удар на глобалниот финансиски систем. Предупреди дека Русија „никогаш нема да ја остави на мир“ која и да е земја што ќе го заплени нејзиниот имот и дека при такво сценарио Москва ќе разгледа какви средства од Запад може да конфискува како одмазда.
Русија на различни начини возврати на западните санкции кои имаат за цел да ја казнат за војната во Украина и да ја уништат нејзината економија. Претходно седмицава претседателот Владимир Путин како одговор на заплените на средства на руските компамнии и поединци во западните земји, наложи на два европски концерна „Wintershall Dea“ и OMV да им бидат одземени уделите во износи од повеќе милијарди долари во гасните проекти на рускиот Арктик.