Русија предупредува за „терористички ризик“ од војната во Газа

Русија денеска повика за прекин на борбите во Појасот Газа и соопшти дека продолжувањето на палестинско-израелските преговори е од суштинско значење за да се избегне ризикот од поширока војна и зголемена „терористичка активност“.

Русија, која одржува односи со Иран, Хамас и главните арапски сили, како и со Палестинците и Израел, постојано ги обвинува САД и Западот дека ја занемаруваат потребата од независна палестинска држава во границите од 1967 година.

„Приоритет денеска е брзиот прекин на воените дејствија во Газа“, соопшти руското МНР.

Русија, која минатиот месец го налути Израел со поканата на делегација на „Хамас“ во Москва, рече дека единството на Палестинците, засновано на Организацијата за ослободување на Палестина, предводена од Махмуд Абас, е од суштинско значење.

„Се чини дека е особено неопходно да се обезбеди палестинско национално единство врз платформата на Палестинската ослободителна организација, која предвидува признавање на Израел и решение преку преговори“, се вели во соопштението.