Русија преговара „дедоларизација“ во трговијата со земјите од Латинска Америка

Русија преговара за дедоларизација на трговските односи со голем број земји од Латинска Америка, како и членки на блокот БРИКС, а по ова прашање има напредок, изјави во средата за новинарите директорот на одделот за Латинска Америка при руското Министерство за надворешни работи, Александар Шчетинин, на маргините од Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург (SPIEF-2024).

„Ова се случува и во рамките на БРИКС, постојат идеи за воведување алтернативни платформи во голем број други земји со кои одржуваме нормални трговски и економски врски. Тоа се Куба, Никарагва, Венецуела“, изјави Шчетитин кого го цитира државната новинска агенција РИА.

Шчетинин истакнал дека преговорите меѓу деловните и банкарските структури се во тек за да се најдат најприфатливите и најпогодни форми на соработка за да се обезбедат трговските и економските врски. Нагласил дека дел од нив се во националните валути, воведувањето на руските платежни картики „Мир“ и директните плаќања со што се забиколува меѓународниот платен систем SWIFT од кој Русија е исклучена по нејзината инвазија во Украина во февраури 2022 година.

Според него, формите на „дедоларизација“, односно избегнувањето на меѓусебни плаќања во доминантната на меѓународни пазари американска валута може да бидат различни, но приоритет е развојот на соработката.

Во тој контекст се одвива и 27-от Меѓународен економски форум во Санкт Петербург кој започна во средата (5-ти јуни) и ќе трае до 8-ми јуни. Имено, главната тема на форумот е „Основата на мултиполаритетот е формирањето нови центри на раст“.

Анализирајќи ја причината за одбивањето на земјите да плаќаат во долари, финансискиот аналитичар Владимир Левченко вели дека благодарение на напорите на САД и другите западни земји, западните валути стануваат сѐ потоксични. Според него, логично е земјите да го користат својот финансиски систем. Во исто време, рускиот финансиски систем не е инфериорен во однос на американскиот во однос на нивото на развој и контрола, а исто така е многу подобар од европскиот.

Во мај, претседателот на Белорусија Александар Лукашенко тврдеше за бескорисноста на еврото и доларот не само во Русија и Белорусија, туку и во многу земји. Тој појасни дека овие валути повеќе не се потребни по изјавите дека сите златни и девизни средства складирани на Запад ќе бидат „украдени“ од Руската Федерација.