Русија протестираше кај САД поради американските платеници во Курск

Руското Министерство за надворешни работи ја повика во вторникот вршителката на должност амбасадорка на САД во Москва протестирајќи против учеството на припадниците на американска приватна компанија во операциите на украинската војска во јужниот руски регион Курск, како и нелегалното престојување на американски новинари во областа на воени дејствија за што е потребна согласност од руските органи.

Американскиот вршител на должноста во Русија Стефани Холмс беше повикана во Министерството за надворешни работи и изрази силен протест во врска со учеството на американските платеници во инвазијата на украинските вооружени сили во областа Курск, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

„На Холмс ѝ беше изразен остар протест во врска со провокативните активности на американски новинари кои илегално влегоа во регионот Курск за пропагандно покривање на злосторствата на Киевскиот режим, како и доказите за учество на припадниците на американските приватни воени компании на страната на украинските вооружени сили“, соопштија од Москва.

Руската дипломатија истакнува дека тоа е спротивно од тврдењата на Вашингтон дека САД не се вклучени во нападот на украинската војска во Русија и се посочува дека тоа уште еднаш „докажува оти САД се директен учесник“ во руско-украинскиот конфликт.

Министерството за надворешни работи предупредува дека Русија ќе ги истражува и кривично гони Американците вмешани во злосторствата и ќе ги изведе пред лицето на правдата.

„Истовремено сите странски специјалисти и платеници кои илегално ја преминуваат руската граница автоматски стануваат легитимна воена цел“, предупредува Москва.

Претходно во вторникот американската приватна воена компанија „ Forward Observation Group“ на своите веб-страници и на социјалните мрежи објави фотографии од свои припадници кои учествуваат во украинскиот напад во пограничната руска Курска област. На една од фотографиите тројца мажи позираат во воена опрема со сини ленти на ракавите, обележје што го носат украинските војски и странските платеници, крај оклопно борбен возило.Насловот на фотографијата и геоподатоците укажуваат дека публикацијата е објавена од регионот Курск.

Москва во протестот се повикува на извештаите на весникот The Washinton Post и телевизијата CNN, наводно од рускиот пограничен град Суџа, за кој Киев тврди дека го контролира, додека руската војска негира. Според извештајот на CNN, новинари со украински воен конвој пристигнале во Суџа од Украина, каде наишле на речиси напуштен град во кој останале само неколку десетици постари жители. Новинарска екипа наThe Washinton Post, наводно пристигнала со украинските војници во саботата во Суџа и интервјуирала „десетици руски цивили и украински војници“.