Русија првпат ги употребила новите ракети „305“ во Украина

Руската воена авијација првпат од почетокот на инвазијата во Украина на тамошното боиште ги употребила новиот тип ракети со висока прецизност „305“ наменети за уништување на добро утврдени важни воени објекти, пренесе во понеделникот агенцијата РИА повикувајќи се на информирани извори.

„Како дел од специјалната воена операција во Украина (како што Москва официјално ја нарекува својата воена интервенција во соседната земја), армиската авијација на Руската Федерација почна да ги користи новите лесни повеќенаменски наведувани ракети ‘305’. Рекетите се користат од јуришните хеликоптери ‘Ми-28НМ’ за дејствување врз важни објекти на украинските трупи, на пример магацини со муниција и горива“, рекол неименуваниот соговорник на агенцијата.

Прецизирал дека „новите ракети даваат висока прецизност при погодувањето на целите со отстапување од линијата на нишанење не повеќе од два метра“.

Според изворот, постојат различни начини на наведување на овој вид проектили. Така со еден начин целта се лоцира со оптоелектронската глава за самонаведување (GOS) на проектилот, кога сѐ уште е на подвозјето на хеликоптерот, а по истрелувањето проектилот е сосема автономен. Друга опција е режимот на телеконтрола, кога лансирањето се изведува надвор од видното поле на целта според пренесени координати. Притоа проектилот лета во инерцијален а при приближувањето кон целта се вклучува трагачот од кој сликата се пренесува на екранот на операторот со вооружувањето во кабината на хеликоптерот, која ја препознава и ја укажува целта на главата за наведување.

Таканаречениот „Производ 305“ првпат е преставен минатата 2021 година на претставување на новитетите во воената индустрија, а е развиена во коломенската компанија КБМ. Ова вооружување е дизајнирано за дневно и ноќно гаѓање единечни и групни стационирани или подвижни цели. Дострелот на проектилот е 14,5 километри, лансираната тежина изнесува 105 килограми, а тежината на високоексплозивната фрагментациона боева глава изнесува 25 килограми.