Претседателот на Комитетот за меѓународни работи на Советот на Федерацијата Русија, Константин Косачов, рече дека убиството на командантот на елитната иранска единица Кудс во корпусот на Исламската револуционерна гарда, Касем Сулејмани, може да предизвика нови судири меѓу радикалните шиити во Ирак и припадниците на американската војска.
– Ова е тешка вест, која со себе носи можност за нови судири меѓу радикалните шиитски активисти во Ирак и Американците, истакна тој.
Косачов додаде дека убиството на Сулејмани е најлошиот можен развој на ситуацијата и дека сето тоа „мириса на одмаздата на Вашингтон за неодамнешниот напад врз американската Амбасада во Багдад“.
– Ако е така, одмаздата, верувам, ќе следи брзо. Ќе ми биде драго ако грешам затоа што војна е лесна да се почне и е тешко да се заврши, додаде тој.