Противвоздишната одбрана на Русија соборила украински тренспортен авион кој превезувал голема пратка западна воена опрема во Украина, изјавил портпаролот на руското министерство за одбрана, генерал-мајорот Игор Конашенков на редовниот брифинг за новинарите и истовремено ја изнесе процената дека во судирите досега биле убиени над 23.000 украински војници.
„Руските системи за противвоздушна одбрана во регионот на Одеса соборија во воздух украински воен транспортен авион, кој испорачуваше голема пратка оружје во Украина од западните земји“, рекол Конашенков.
Засега украинската страна не реагираше со негирање или потврдување на тврдењето на руското министерство за одбрана.
Конашнков, исто така, пренесува агенцијата РИА, рекол дека биле соборени и две украински беспилотни летала над местата Лозоваја и Веселаја, во Харковската област на украинскиот исток.
Според Конашенков, руското министерство за одбрана има податоци за вистинските загуби во припадници на украинската армија, на Националната гарда и на пристигнатите странски платеници во земјата, за кои рекол дека украинскиот претседател Владимир Зеленски „се плаши да му ги соопшти на украинскиот народ“.
Претходно во петокот вечерта Зеленски за американската телевизиска мрежа CNN изјави дека во судирот досега загинале 2.500 до 3.000 украински војници а додека ранети се „десетина илјади“, а истовремено дека загинале 19.000 до 20.000 руски војници.
„Денеска неповратните загуби (на украинските сили) изнесуваат 23.367 луѓе. Наскоро ќе објавиме одделни податоци произлезени од украинските документи за своите загуби, откривајќи го местото на смртта, местата на погребување на загинатите“, рекол Конашенков.
Не се осврнал на загубите на руските сили кои ја изведуваат офанзивата во Украина. Досега Москва само еднаш, и тоа на 24-ти март односно еден месец по почетокот на борбените дејствија во соседната држава, потврди дека загубила 1.351 војник а уште 3.825 биле ранети. Ноедамна портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјaви за новинарите дека руските загуби се „големи“ и „трагични“, но не изнесе никакви бројки и податоци.