Русија тврди дека во Виница гаѓала воена цел, убиени украински команданти и странски добавувачи на оружје

Руското министерство за одбрана во петокот по проверките објави дека целта на нападот со крстосувачките ракети „Калибр“ врз украинскиот град Виница била зграда во која украински офицери се сретнале со странски добавувачи на западните вооружени системи.

„На 14-ти јули, со ракетите со висока прецизност истрелани од море ‘Калибр’ врз Офицерскиот дом во Виница каде се одвиваше состанокот на командата на украинските воздухопловни сили и претставници на странски добавувачи на оружје. Резултат на нападот е елиминација на учесниците на состанокот“, соопшти руското министерство за одбрана на брифингот со новинарите во Москва.

Министерството повтори дека руските сили напаѓаат само воена инфраструктура и позиции на украинските војски. Но уште еднаш предупреди дека стратегијата на украинската армија е да ги поставува своите огнени позиции во или блиску до чувствителна цивилна инфраструктура, како детски градинки, училишта и болници, а притоа не ги евакуира цивилното население или не му дозволува да се евакуира, користејќи го како жив човечки штит.

Украинските функционери тврдат дека во четвртокот во рускиот напад со крстосувачки ракети истрелани од Црното Море врз деловен центар во Виница, во централниот дел на Украина, наводно се убиени 22 цивили, меѓу кои три деца а најмладото на четири години.

Украинската војска соопшти дека Виница, град на 200 километри југозападно од главниот град Киев, била погодена со три руски крстосувачки ракети од типот „Калибр“ истрелани од неименувана подморница, а наводно украинските сили собориле уште два такви проектила.

Русија, како и претходно, повторно негира дека гаѓа цивилни цели и порачува дека оштетувањата на станбени објекти често се последица од паѓање на делови на пресретнати проектили или на делови од ракетите кои ги истрелала украинската противвоздушна одбрана.