Русија, Украина, Турција и ОН подготвиле план за извоз на храна од украинските пристаништа

REUTERS/Valentyn Ogirenko/File Photo

Русија, Украина, Турција и Обединетите нации, подготвиле план со кој е се осигури функционирање безбеден коридор за извоз на земјоделски производи од украинските црноморски пристаништа, пренесува во четвртокот турската службена новинска агенција Anadolu повикувајќи се на дипломатски извори.

Според изворите на агенцијата, Турција веќе подолг период одржува дипломатски контакти со цел да се формира механизам за осигурување безбедна испорака, во прв ред на пченица од Украина на светските пазари. Во текот на преговорите меѓу претставниците на трите земји и на светската организација, подготвен е редослед за осигурување на функционалноста на ткн „пченичен коридор“ под покровителство на Обединетите нации.

За формирањето на центарот кој ќе го контролира коридорот во четвртокот објави и дневниот весник Sabahк, истакнувајќи дека иницијативата за безбеден коридор за извоз на украинските житарки ја потегнал турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган. Тој на 30-то мај за оваа тема разговарал во телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, како и со украинскиот Владимир Зеленски, а „покрај одредени несогласувања, и двајцата челници (на Русија и Украина) позитивно се изјаснија за оваа идеја“, се забележува во прилогот на NTV.

Наскоро во Истанбул ќе се одржи состанок на претставниците на четирите страни на кој ќе се разговара конкретно за почеток на извозот на житарки од украинските пристаништа. Во четирипартитниот формат планирано е да се разгледаат прашањата кои се однесуваат на трасата, осигурувањето, безбедноста на бродовите, деминирањата на пристаништата, како и со составот на координативниот центар.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во мај ги посети Москва и Киев и паралелно се обидува да посредува во составувањето на, како што тој го нарекува, „пакет аранжманот“ за продолжување на украинскиот извоз за храна и рускиот извоз на храна и ѓубрива.

Војната во Украина и западните санкции против Русија го поттикнаа остриот раст на цените на житарките, маслата за јадење, горивата и вештачките ѓубрива во земјоделството предизвикувајќи глобална прехранбена криза. Русија и Украина произведуваат речиси третина од пченицата во светото, Русија е клучниот извозник на ѓубрива, а Украина е водечки извозник на пченка и сончогледово масло.

Од почетокот на руската воена операција на 24-ти февруари, Украина не ги извезува житарките преку пристаништата во Црното Море и повеќе од 20 милиони тони житарки во моментов се заглавени во силосите. Русија вели дека нејзиниот извоз на ѓубрива и житарки го нарушиле санкциите.

Центарот за извоз на житарки планиран во Истанбул ќе ја координира соработката меѓу Русија и Украина со посредство на Турција и ОН, пишува уште Anadolu, и ќе овозможи извоз на 20-те милиони тони житарки од украинските пристаништа на светските пазари.

Залихите на пченица, како што беше истакнато на состанокот на Советот за безбедност на ОН на 21-ми мај, во светот се доволни само за десет седмици, а ситуацијата е оценета како полоша отколку во периодот на финансиската криза 2007/2008 година.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров претходно седмицава изјави дека прехранбената криза во светот започната многу пред почетокот на војната во Украина, вклучително и со пандемијата на коронавирусот и погрешните прогнози и процени на Западот, а дека војната и антируските санкции само се едни од клучните причини за прекинот на испораките на храна.