Русија уверува дека намалувањето на испораките на гасот за Германија нема политички мотиви

Од Кремљ во четвртокот соопштија дека за големото намалување на испораките на гас во Германија не е виновна Москва и повторно ги отфрли обвинувањата дека намалувањето на испораките на енергенсот преку гасоводот Северен тек 1 е политички мотивирано и посочи на антируските санкции на кои се повикува Канада во блокадата на враќањето на гасната турбина од ремонтот.

„Руската Федерација ги исполнува своите обврски“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кого го цитираат руските агенции.

Песков ги обвини западните санкции против Русија за доцнењето на ремонтот на гасоводот и појасни дека не е испорачана турбината на „Siemens“ за гасоводот Северен тек 1.

Турбината се наоѓа на ремонт во Канада, чијашто влада одбива да ја врати на руски „Газпром“ поради санкциите, и во преговара со Германија во надминувањето на проблемот.

Германската влада поради намалениот проток на рускиот гас дури и за 60 отсто на дневно ниво од вообичаеното, претходно во четвртокот го активираше вториот од трите степена на планот за снабдување со гас во вонредни ситуации.

„Снабдувањето во моментов е сигурно, но ситуацијата и натаму е напната“, соопшти германското министерство за економија.

Според дефиницијата, вториот ткн алармантен степен во рамките на планот за снабдување со гасот во вонредни ситуации, се активира во случај на пречки во снабдувањето со гас или засилена побарувачка. Во овој втор степен државата сѐ уште не интервенира, туку препушта пазарот да ја регулира ситуацијата.

Германскиот министер за економија Роберт Хабек изјави дека цената на гасот дополнително ќе расте, што ќе го почувствуваат индустријата и приватните корисници.

При третиот степен државата ја контролира дистрибуцијата на гасот и го намалува протокот при што домаќинствата, како и објектите од посебно значење како што се болниците, се посебно заштитени од редукциите на снабдувањето.