Русија вели дека се можни нови чекори во нуклеарното одвраќање, во зависност од САД

Русија може да преземе дополнителни чекори на полето на нуклеарното одвраќање доколку САД распоредат ракети со среден и краток дострел во Европа и Азија, предупреди рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју за државната новинска агенција РИА.

РИА се осврна на американските планови, објавени во април, за распоредување ракети во индо-пацифичкиот регион како одговор на она што Вашингтон го гледа како растечка милитаризација на Кина.

Таквото распоредување претходно би било забрането според Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (INF) од 1987 година со Русија, од кој САД официјално се повлекоа во 2019 година, обвинувајќи ја без никакви докази Москва дека наводно го прекршува договорот. Руската страна ги отфрли тие обвинувања и укажа на делот од тофашниот воен буџет на САД во кој беа издвоени средства токму за развој и тестирање такви проектили.

Москва долго време предупредува дека ќе го укине предложениот самонаметнат мораториум за распоредување на ракети со краток и среден дострел по истекот на договорот, доколку Вашингтон продолжи со плановите за распоредување такви ракети во Азија и Европа.

Лавров изјави за РИА дека Русија можеби ќе треба да преземе други чекори.

„Не исклучуваме дополнителни чекори во сферата на нуклеарното одвраќање, бидејќи нашите командни центри и локации на нашите нуклеарни сили ќе бидат во дострелот на американските ракети“, рече Лавров.