Обемот на вежбите на НАТО „ Steadfast Defender 2024“ го означува „неотповикливото враќање“ на алијансата во шемите од Студената војна, изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Грушко во неделата за државната новинска агенција РИА.
НАТО во четвртокот соопшти дека ги започнува своите најголеми вежби од Студената војна, во кои учествуваат околу 90.000 војници, за да може американските трупи да ги зајакнат европските сојузници во земјите што граничат со Русија и на источното крило на алијансата доколку дојде до конфликт со „речиси еднаков“ противник.
„Овие вежби се уште еден елемент на хибридната војна што Западот ја започна против Русија“, изјави Груско за РИА. „Вежбите од таков размер… го означуваат конечното и неотповикливо враќање на НАТО во шемите на Студената војна, кога процесот на воено планирање, ресурсите и инфраструктурата се подготвуваат за конфликт со Русија“, посочи тој.
НАТО во својата изјава не ја спомена Русија директно. Но, нејзиниот главен стратешки документ ја идентификува Русија како најзначајна и најдиректна закана за безбедноста на членките на НАТО.
Русија започна инвазија на Украина во февруари 2022 година, откако два месеци претходно САД и НАТО го одбија понудениот договор на Москва за гаранција за безбедноста на Руската Федерација со кој се предвидуваше враќање на големите воени бази на НАТО на границите од пред 1991 година со запирање на ширењето на западниот воен блок кон руските граници и неприемот во Алијансата на руските соседни земји како Украина и Гризија, кои имаат стратешки позиции во однос на руската територија.
Оттогаш, Москва и нејзиниот врвен дипломат, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, често го обвинуваат „колективниот Запад“ дека води „хибридна војна“ против Русија, поддржувајќи ја Украина, но и другите околни земји, со финансиска и воена помош.