Русија ноќта кон саботата објави воведување антитерористички режим во три региони кои граничат со Украина, јавуваат руските новински агенции.
Агенциите ги цитираа регионалните гувернери или Националниот антитерористички комитет дека специјалниот режим ќе важи за регионот Курск, каде што Москва вели дека нејзините сили веќе го сузбиле обидот на украинските сили да навлезат подлабоко на руската територија кон тамошната нуклеарна централа и гасниот јазол кај Судџа. Истиот противтерористички режим е воведен и за регионите Белгород и Брјанск, кои речиси две години се под удар на украински ракетни и напади со беспилотни летала, а имаше и обиди украински диверзанти да се префрлат на нивните територии.
Новинската агенција РИА пишува дека мерките вклучуваат евентуална евакуација на жителите, ограничувања на сообраќајот во одредени области, зголемена безбедност околу чувствителните локации и прислушување на телефонски и други комуникации.
Руските мерки следеа пред три дена кога украинските сили започнаа голема офанзива во областа Курск. Повеќе од илјада украински војници влегоа во областа, поддржани од десетина тенкови и дваесет други оклопни возила. Во петокот руското Министерство за одбрана објави дека севкупно во текот на тридневните борби во правецот на Курск, украинската војска загубила до 945 војници, загинати и ранети исфрлени од борбите, и 102 оклопни возила, вклучувајќи 12 тенкови, 17 оклопни транспортери, шест пешадиски борбени возила, 67 оклопни борбени возила, како и 12 возила, две самоодни противвоздушни ракетни фрлачи „Бук М1“ и три теренски артилериски оружја.