Русија за 24 часа евакуирала над 16.000 луѓе од загрозените региони во Украина

Во изминатото деноноќие до саботата, Русија без координација и соработка со властите во Киев, евакурала повеќе од 16.000 лица од опасните зони на судири во различни региони на Украина, како и од одметнатите проруски источни региони Луганск и Донецк, објави во саботата вечерта началникот на рускиот Национален центар за управување со одбраната, генерал-полковникот Михаил Мизинцев.

„Во текот на последните 24 часа, без учество на властите во Киев, од загрозените региони на Украина, Луганската и Донецката народни републики, во Русија беа евакуриани 16.394 лица, од кои 3.129 се деца. Вкупно, од почетокот на специјалната воена операција, веќе се евакуирани 314.252 лица, од кои 66.594 деца“, прецизираше Мизинцев.

Според него, од почетокот на ткн „Операција Z“ на 24-ти февруари, државната граница на Руската Федерација од правец на Украина ја минале 36.700 цивилни автомобили, од кои речиси 1.800 само во саботата.

Силите на самопрогласената Донецка Народна Република (ДНР), исто така, во саботата вечерта објави дека досега во единиците на тамошната проруска милиција преминале 265 припадници на украинската војска.