Британската амбасадорка во ОН, Карен Пирс, кажа дека руското барање за пристап до ќерката на поранешниот агент Сергеј Скрипљ, Јулија, е проследено и дека чекаат одговор.
Го добивме барањето од рускиот конзулат. Ѝ го предадовме на Јулија Скрипљ и го чекаме нејзиниот одговор. Нејзините желби мора да се земат предвид – рече Пирс, пренесува Ројтерс.
Русија упати барање нејзина делегација да се состане со Јулија Скрипљ, бидејќи таа е руска државјанка.
Скрипаљ не претставуваше закана за Русија, нагласи амбасадорот на Русија при Обединетите нации Василиј Небензја на вечерашната отворена седница на Советот за безбедност на ОН, на која се разгледуваше случајот на труење на Скрипљ и на неговата ќерка Јулија.
Верзијата на инцидентот што ја шири Британија наведува на тоа дека Русија никогаш не му го простила предавството и решила да го елиминира. Во меѓувреме, сосема е јасно дека овој човек не можел да претставува закана за Русија- рече Небензја, пренесува ТАСС.
Тој исто така нагласи дека Лондон води пропагандна војна против Москва без никакви правила.