Русија и Кина склучија договор за гас

Русија и Кина денеска потпишаа договор за гас за рок од 30 години, вреден 400 милијарди долари. Договорот доаѓа како резултат на десетгодишните преговори меѓу двете земји.

Овој договор  ќе и обезбеди на кинеската економија природен гас, кој ќе и помогне  во следните 30 години да го задржи своето темпо на раст.Испорачател на гасот е рускиот „Гаспром“. Договорената цена на гасот не е објавена и таа останува „трговска тајна“. Ако се претпостави дека вкупната вредност на договорот ја вклучува само цената на рускиот гас, тогаш сумата од 400 милијарди долари значи дека Кина ќе плаќа околу 350 долари за илјада метри кубни гас.

Русија ќе ја снабдува Кина со 38 милијарди метри кубни гас годишно преку источниот гасовод „Моќта на Сибир“, кој минува преку Сибир и стигнува до кинеските североисточни региони.

Меморандумот за разбирање е потпишан во присуство на кинескиот претседател Сји Џинпинг и неговиот руски колега Владимир Путин, кој се наоѓа во дводневна посета на Шангај.

Договорот со Кина ќе и помогне на Русија да го прошири пазарот за извоз на нејзиниот гас, кој моментно главно оди кон Европа.