Русија им го продолжи притворот на украинските морнари

Рускиот суд го потврди денес продолжувањето на притворот за 24-те украински морнари заробени по поморскиот инцидент во ноември во близина на Крим.

Оваа одлука е донесена два дена по налогот на Меѓународниот поморски суд во Хамбург Русија веднаш да ги ослободи заробените морнари.

Адвокатите на морнарите дури ја имале одлуката на овој суд кој ја следи примената конвенцијата на Обединетите нации за поморското право, во која е оценета како нелегална одлуката за продолжување на притворот до крајот на јули.

„Одлуките на судот Лефортово од Москва со кои се продолжува притворот на обвинетите остануваат непроменети. Жалбите на адвокатите се отфрлени“, соопшти московскиот суд, а пренесува Интерфакс.

Кремљ претходно денес ја отфрли одлуката на судот во Хамбург, оценувајќи дека тој суд нема овластувања и дека Москва секогаш ќе го брани својот став во овој случај. Москва сака на морнарите да им се суди во Русија.

Украина се жалеше во судот во Хамбург во април, а Русија ја бојкотираше процедурата.

Во ноември 2018 оружениот инцидент меѓу украински бродови и руската крајбрежна стража кај црноморскиот полуостров Крим, кој Русија го припои во 2014, заврши така што Русија заплени три украински воени брода и ги зароби нивните екипажи.

Русија го осуди чинот како агресија наведувајќи дека бродовите нелегално влегле во руските територијални води, додека Украина наведе дека однапред ја предупредила Москва за траекторијата на бродовите и ја обвини дека го крши меѓународното поморско право.