Русија ја ослободи украинската пилотка Надја Савченко

Авионот со кој украинскиот пилот Надја Савченко беше пренесена од Русија во Украина, пристигна на аеродромот во Киев, соопшти денеска украинскиот претседател Петро Порошенко, пренесува МИА.

Претседателскиот авион со украинскиот херој Надја Савченко слета, објави Порошенко на својот налог на Твитер.

Во исто време и украинскиот премиер Володимир Гројсман потврди дека Русија ја ослободила Савченко, која од средината на 2014 година се наоѓаше во руски затвор под обвинение дека на украиснките сили им ги пренела координатите за напад, при кој загинаа двајца руски новинари.

Надја сe врати во Украина. Се радувам заедно со сите наши сонародници, објави Гројсман на Твитер.

Како што јави ДПА, ослободувањето на Савченко уследи откако украинската Влада помилува двајцата руски заробеници и најави дека ќе ги разамени за затворената пилотка.

Под обвинение дека е одговорна за убиството на двајцата руски новинари, Савченко во Русија беше осудена на 22 години затвор.

Таа беше разменета за двајцата руски државјани, Евгениј Ерофеев и Александар Александров, кои судот во Киев во април ги осуди на 14 години затвор поради терористички активности.

Ерофеев и Александров, за кои Киев тврди дека се руски војници, ги негираат обвинувањата за злосторствата за кои се осудени.