Русија ја предупреди ЕУ да внимава во односите со Србија

Приближувањето меѓу Белград и Европската унија не треба да штети на партнерството на Србија со Москва во економската, инфраструктурата и други сфери, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, во интервју за српскиот весник „Политика“, пренесува „Гласот на Русија“.

„Нашето цврсто мислење е дека руско-српските односи не можат да бидат заложник на надворешните фактори. Уверени сме дека нашите српски пријатели се водат од истите предуслови“, истакнал тој.

Лавров изрази загриженост од позицијата на претставници на ЕУ во однос на договорите меѓу Русија и државите кои учествуваат во проектот „Јужен поток“. ЕУ сака договорите да се во склад со Третиот енергетски пакет и на тој начин да се ревидираат потпишаните договори.

„Очигледно законите на ЕУ не треба да се применуваат ретроспективно и да пречат на постигнатите билатерални договори од претходно“, рекол Лавров.