Русија најави големи воени вежби во Средоземното Море

Русија соопшти дека на крајот на неделава ќе започне со големи поморски маневри на Средоземното Море, во услови на растечки тензии меѓу Москва и Западот околу Сирија.

Вежбите ќе бидат одржани од 1 до 8 септември и во нив ќе бидат вклучени 25 воени бродови, вклучително ракетен крстосувач и 30 авиони, соопшти Министерството за одбрана.

Министерството наведува дека маневрите ќе бидат фокусирани вежби за заштита од напади од воздух и од подморници. Најавата доаѓа откако сирискиот претседател Башар ал-Асад, кој е сојузник на Москва, се чини дека подготвува голем напад за да ја врати контролата врз провинцијата Идлиб, која е последно големо упориште на сириските сунитски бунтовници.

САД, Британија и Франција на состанокот на Советот за безбедност на ОН на 28 август, ги повторија предупредувањата кон Сирија, чија Армија е поддржана од руските воздухопловни сили, да не употребува хемиско оружје во Идлиб и оти секоја употреба на нелегално оружје ќе предизвика одмазда од Западот.