Русија започнува воена интервенција во Сирија распоредувајќи борбени авиони во бази од кои ќе врши напади на позиции на групата „Исламска држава “ и бунтовниците.
Руски пилоти, борбени авиони и хеликоптери ќе започнат да пристигнуваат во Сирија во следните неколку дена, објави порталот израелскиот портал на англиски јазик Унет, пренесува Б92.
Според западни дипломати руската експедиција веќе пристигнала во Сирија и е распоредена во воена база, која е под контрола на претседателот Башар ал Асад. Базата се наоѓа во околината на Дамаск и ќе биде користена како оперативна база од страна на Русија.
Во следните неколку недели илјадници припадници на руските воени сили ќе пристигнат во Сирија, вклучително советници, инструктори, техничари и пилоти.
Засега нема конкретни податоци за составот на контингентот, но Русија претходно преговараше за продажба на повеќенаменски МиГ-29 и напредни авиони за обука Јак-130, што може да се користат и за борба.
Официјално Русија нема офанзивни намери кон Израел и други држави, а главна цел на распоредувањето на војниците е задржување на Асад на власт и борба против ИД, пишува порталот.
Според дипломатски извори Русија и Иран неодамна донеле стратешка одлука дека ќе сторат се за спречување на ширење и инфилтрирање на ИД и други исламисти на територијата на поранешните советски републики со муслиманско мнозинство.
Американската администрација е целосно свесна за руската намера директно да интервенира во Сирија, но се уште нема официјална реакција, наведува порталот Унет.
Обама веќе подолго време е воздржан во повиците за уривање на режимот на Асад, иако САД спроведуваат воздушни напади на сириска територија за заштита на бунтовниците, кои се борат против ИД и режимот.
Русија од почетокот на граѓанската војна во Сирија испраќа бродови со оружје, муниција и резервни делови.
Сепак, Москва не е единствена што ја координира политиката со Техеран. САД, исто така, преку свои претставници учествува во интензивни разговори со Техеран за зајакнување на борбата против ИД во Сирија, пренесува МИА.