Русија потврди дека нејзините војници и натаму се во Венецуела

Изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп според која Русија ги повлекла „поголемиот дел од своите луѓе“ од Венецуела не одговара на стварноста, а воената соработка со оваа јужноамериканска земја продолжува и натаму.

Рускиот амбасадор во Венецуела, Владимир Заемски, ги негираше информациите на американскиот весник The Wall Street Journal за тоа дека Москва наводно масовно ги повлекла своите воени стручњаци од оваа земја.

Американскиот весник, повикувајќи се на „извор блозок на руското министерство за одбрана“ претходно објави дека бројот на руските војници од илјада е намален на неколку десетици. Во написот се наведуваше и дека дури и нема нов договор за воено-техничка соработка меѓу Москва и Каракас, бидејќи, како што се тврди, Венецуела нема пари да го плати ангажманот на руските експерти.

Истовремено и американскиот претседател Доналд Трамп во текот на неговата посета на Велика Британија преку својот профил на Twitter ја објави информацијата за наводното руско воено повлекување од Венецуела. „Русија нѐ извести дека ги отстраниле повеќето од своите луѓе од Венецуела“, напиша Трамп.

Администрацијата на Трамп, која го поддржува самопрогласениот привремен венецуелски претседател Хуан Гуаидо, тврди дека руската и кубанската поддршка на левичарскиот претседател Николас Мадуро се клучни за неговото опстојување на власт и ги повика двете земји да го повлечат својот безбедносен персонал од земјата.

Русија во март во Караксас испратила речиси стотина припадници на специјалните сили и експерти за кибернетика, тврдат американски функционери. Во јануари, пак, како што тврди Reuters, во Венецуела стасале и војници платеници со кои соработува Мосвка за да ја зајакнат безбедноста на Мадуро.