Русија протерува двајца грчки дипломати

Русија соопшти дека го повикала грчкиот амбасадор во Москва за да го информира дека протерала двајца грчки дипломати како одговор на потегот на Атина која минатиот месец протера двајца руски дипломати. Тие беа протерани поради наводно иницирање протести против договорот за името со Македонија, како и за инфилтрирање во разузнавачките служби.

Во соопштението не се наведуваат имињата на грчките дипломати кои Москва ќе ги протера, ниту пак кога тоа ќе се случи.

Грчките власти минатиот месец протераа двајца руски дипломати и на двајца други им забранија влез во Грција, а Москва ги негираше тврдењата на Атина и ја обвини грчката влада за “валкани провокации” кон Русија.