Русија се надева дека Грција колку е можно побрзо ќе постигне договор со своите меѓународни кредитори, изјави денес портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
– Сакаме нашите грчки партнери да ги постигнат неопходните компромиси со кредиторите што е можно побрзо и да донесат одлуки што на најдобар можен начин ќе ја овозможи економската и социјална стабилност во земјата, рекол Песков.
Тој додал дека Кремљ го почитува исходот на вчерашниот референдум во Грција и дека внимателно го следи развојот на ситуацијата.
Поголемиот дел Грци вчера со убедливо мнозинство ги отфрлија условите од пакетот понуден од кредиторите.
Претставници на Москва претходно информираа дека Атина официјално не побарала финансиска помош.
Исто така, како што пренесува ТАСС, Песков рекол дека доколку на Атина и биде потребна финансиска помош, тогаш треба само да ја побара од Москва.