Заменикот руски министер за надворешни работи Михаил Богданов изјави дека нема закана од воен судир меѓу Русија и САД во Сирија, пренесува агенцијата ТАСС во вторникот, а истовремено Кремљ оценува дека ставот на Западот во врска со наводниот хемиски напад во сирискиот град Дума не е конструктивен.
Се одржуваат „работни контакти“ меѓу руските и американските претставници во врска со Сирија, изјавил Богданов и додал дека верува дека ќе надвладее разумот.
И портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави во вторникот дека Русија не се откажала од дипломатските напори за решавање на кризата и запирање на војната во Сирија, но оцени дека ставот на Западот не е конструктивен.
САД и нивните сојузниците „одбиваат да ја согледаат стварноста“ кога станува збор за наводниот хемиски напад во Источна Гута за кој Западот ги обвинува силите на владата на претседателот Башар ал-Асад, оценува Песков, кого го цитира агенцијата РИА.
„Го гледате некоструктивниот став на неколцина земји, меѓу кои и САД. Тие одбиваат да ѝ погледнат на стварноста в лице. Никој од нив не сака да зборува за тоа дали е потребно да се спроведе непристрасна истрага“, рекол Песков.
Русија и САД разменија во понеделникот вечерта на итната седница на Советот за безбедност при ОН остри закан откако рускиот амбасадор го предупреди Вашингтон на „несогледливи последици“ доколку се случи напад врз Сирија, а американската амбасадорка возврти дека на Москва „рацете ѝ се извалкани со крвта на сириските деца“.
Итната седнца на Советот за безбедност при ОН беше свикана поради наводниот напад со хемиско оружје од предминатиот викенд врз градот Дума во кој се останати дел од исламистите на групацијата Џаиш ал-Ислам, во кој наводно загинале според разни извори чии тврдења меѓу 49 и 60 лица. Првично бројката загинати беше објавена како „неколку стотици“ а потоа намалена на 70-ина во новинските извешта на агенциите при што беше потенцирано дека не може да се проверат од независни извори.
Американскиот претседател Доналд Трамп вети во рок од 24 до 48 часа „одговор“ на наводниот хемиски напад. Западните сили ја обвинуваат сириската влада и нејзините сојузници Русија и Иран, кои негираат дека таков напад воопшто се случил.
За Москва и Техеран индикативно е што вестите за нападот се лиферуваат една седмица откако наводно се случил, и тоа откако сириските војски продреа во Дума, а големи групи исламсти и нивните семејства ги искористија коридорите на сириските власти и беа префрлени во северните делови на земјата кои уште се под контрола на исламистите. Според Русија и Иран, Западот е нервозен затоа што со падот на Дума, се губи последното место од каде што милитантите директно со ракетни напади ја загрозуваа Дамаск, а во последниот таков од крајот на минатата седмица врз станбена населба на сириската престолнина загинаа неколку цивили.
Руските воени лекари не нашле траги од изложеност на хемиски агенси кај пациентите во болницата во Дума за кои беше објавено дека се жалеле на симптоми слични на изложеност на хемиски отрови, соопшти министерството за одбрана. Москва истворемено понуди специјалисти на агенцијата за хемиски отрови при ОН итно да одлетаат за Дума за да спроведат непристрасна истрага, што досега не беше коментирано од ниеден челник на Западот.