Русија со предлог резолуција против нелегалната трговија со нафта со Сирија и Ирак

Русија наскоро ќе поднесе до Советот за безбедност на Обединетите нации предлог-резолуција поврзана со незаконското купување нафта од терористи во Сирија и во Ирак.

Тоа го најави постојаниот претставник на Русија во ОН, Виталиј Чуркин.

„Јасно е дека терористичките организации се занимаваат со нелегална продажба на нафта како од територија на Ирак така и од Сирија. Да видиме како стојат работите. Бидејќи штом организацијата е терористичка значи и тие кои купуваат од таа нафта го финансираат тероризмот, а за тоа има резолуција на Советот за безбедност“, изјави Чуркин.

Тој посочи дека приходите од нелегален извоз на нафта од Ирак и од Сирија се користат за финансирање на тероризмот во регионот меѓу кои е и џихадистичката Исламска држава во Ирак и Левантот.

Во март СБ на ОН донесе мерки во однос на Либија со кои се предвидени санкции против бродови кои извезуваат нафта од реони под контрола на екстремисти.