Русија вели дека има докази дека хемискиот напад во Дума бил наместен

Москва поседува неоспорни докази дека наводниот хемиски напад во сирискиот град Дума бил наместен од тајните служби на една земја, изјави во петокот рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и истакна дека се надева оти западните земји нема да се осмелат да се впуштат во Сирија според ирачкото или либиското сценарио.

Според Лавров во фабрикуваниот инцидент „раце вмешале специјалните служби на една држава, која сега е желна да биде во првите редови на русофобната кампања“.

Лавров истакна дека во Сирија пристигнала мисијата на Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW), којашто не реагирала брзо и „без претеран ентузијазам“ а ја донела одлуката дури по протисокот од Русија и Сирија.

„Таа треба да пристигне во Дамаск, според мене, утре наутро и очекуваме дека без одлагање ќе замине во Дума, каде што нема никакви докази за примена на хемиско оружје (…), хлор или нешто друго, не пронајдоа нашите експерти кои го истражуваа ова место“, додаде шефот на руската дипломатија.

„Да не даде Господ нешто авантуристички повторно да се преземе во Сирија според либиското или според ирачкото искуство (…) Во моментов, се надевам, никој нема да се осмели на ваква авантура (..) Но сепак и незначителни ексцеси, повторно ќе доведат до нов мигрантски бран кон Европа“, изјави Лавров на прес-конференцијата во петокот.

Лавров, исто така, рече дека нестабилната ситуација во Сирија може да доведе и до многу други „појави“, коишто воопшто не ѝ се потребни на Русија, ниту на нејзините европски соседи.

„Можат да бидат среќни само оние кои се заштитени со океанот и сметаат да го насочат во процесот на тековните напори да се испусти целиот регион, за да продолжат да ги спроведуваат таму своите геополитички проекти“, заклучи шефот на руската дипломатија.