Руското министерство за надворешни работи смета дека изјавите на Иран за постепеното намалување на обврските на земјата превземени со нуклеарниот договор од 2015 година, не би требало да доведат до толкави негодувања, додека Кина изрази жалење преку Министерството за надворешни работи, потенцирајќи дека спорот мора да се реши на дипломатски начин.
„Изјавите за силната намера да се направи дополнителен чекор кон постепено намалување на обврските превземени од нуклеарниот договор, кои ги изнесоа претставниците од иранското министерство за надворешни работи и организацијата за атомска енергија на прес-конференција во Техеран на 7 јули не би требало да претставуваат толкава узбуна“, се наведува во соопштението на руското Министерството за надворешни работи.
А, портпаролот на кинеското министерството, Генг Шуанг, на дневниот брифинг повтори дека Кина ги повика сите инволвирани страни да се воздржат.
Абас Мусави, портпаролот на иранското министерство за надворешни работи денеска изјави дека Иран повеќе нема да дава рокови за спасување на договорот кога во септември ќе истечат 60-те дена.
Техеран вчера се закани дека нема да почитува уште некои одредби од нуклеарниот договор „за 60 дена“ доколку не се најде решение и не се исполнат иранските барања.
„Се надеваме дека ќе успееме да најдеме решение, бидејќи во спротивно ќе ј почнеме следната фаза од планот за намалување на обврските на Иран кон нуклеарниот договор постигнат во 2015 година во Виена“, изјави вчера заменик министерот за надворешни работи Абас Арагчи.
Европска унија денеска соопшти дека е „исклучително загрижена“ од соопштението на Иран за збогатувањето на ураниум над дозволеното ниво.
ЕУ го повика Техеран да го стопира секое дејствување што е во спротивност со нуклеарниот договор на светските сили со Исламска Република.
„Иран го надмина ограничувањето од 3,67 отсто збогатен ураниум, лимит воспоставен со Договорот од 2015 година“, изјави денеска портпаролот на иранската Организација за атомска енергија Бехруз Камалванди.
Тој истакна дека границата ќе биде надмината и за 20 оптсто доколку ЕУ продолжи да ги игнорира своите обврски од нуклеарниот договор и апелира итно да се реагира.