Русија започна со формирањето на постојана воена групација којашто ќе има свои бази во сириските градови Тартус и Хмејмим, изјави во вторникот министерот за одбрана, Сергеј Шојгу.
До пред почетокот на сирискиот конфликт во март 2011 година Русија имаше само договор за воено-техничка соработка со Сирија, продолжен уште од советската ера, а крај крајбрежниот град Тартус имаше само логистички центар за руските бродови кои пловат низ Медитеранот.
„Минатата седмица врховниот командатн (рускиот претседател Владими Путин –з.р.) ја утврди структурата и персоналот на главните бази во Тартус и Хмејмим. Ние пристапивме кон формирање на постојани групи на овие места“, изјавил Шојгу во текот на конференциски разговор и изразил благодарност до парламентот за ратификација на договорот.
Во вторникот претходно Советот на Федерацијата (горниот дом на парламентот) го ратификуваше документот кој предвидува проширување на логистичкиот центар за материјално-техничка поддршка на руската воена морнарица во Тартус до ниво на потполна постојана военопоморска база.
Тартус, на 220 километри северозападно од сириската престолнина Дамаск, е вториот по големина пристанишен град, по Латакија во земјата, а е на само 25 километри од границата со Либан, во западниот дел од Сирија, на брегот од Средоземното Море. Таму од 1971 година се наоѓаше советската база за техничко-материјална поддршка на руските бродови со минамален главно технички екипаж.
Сегашниот договор ја одредува постапката за влегување на руските воени бродови во сириските пристаништа, нивната регистрација и движењето на воената опрема. Со него се предвидува дека во Тартус истовремено да престојуваат единасет бродови, вклучително и на нуклеарен погон.
Трошоците за проширување на военопоморската база ќе изнесуваа 3,2 милијарди рубљи, или околу 60 милиони американски долари, годишно. Договорот има важност на 49 години, со можност за негово автоматски продолжување за период од уште 25 години.
Податоците за воената воздухопловна база Хмејмим се уште не се прецизирани во јавноста. Оваа база на сириската авијација во западната покраина Латакија, руските сили ја користат до 30-ти септември 2015 година, откако сирискиот претседател Башар ал-Асад побара од рускиот колега Владимир Путин помош во справувањето со терористичките организации. Од јануари 2017 година Русија, според договорот може да ја користи базата во следните 49 години, исто така, со автоматско продолжување на период од 25 години, и нејзиниот капацитет се проценува на околу илјада лица.
Меѓутоа, покрај овие две руски бази, руските сили во Сирија ги користеа и помошните аеродроми ал-Шајрат во покраината Хомс и Тијас во Палмира. Во западните медиуми изминатите години беше наведувано дека на споменатите два аеродрома се стационирани по неколку стотици руски војници кои работат на нивно прилагодување за потребите на руските војски во Сирија, коишто според указот на Путин од минатиот месец започнаа со повлекување од земјата.